Белград станува винска престолнина: Винска визија на Отворен Балкан од 22 до 24 ноември

Белград годинава повторно ќе биде домаќин на еден од најзначајните настани во Југоисточна Европа – саемот „Винска визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи од 22 до 24 ноември. Овој уникатен фестивал, посветен на виното, ракијата, храната и туризмот, за кратко време успеа да стекне престижна репутација и стана клучна точка на винската и гастрономската карта на Европа.

На „Винската визија“ ќе учествуваат повеќе од 650 изложувачи од дури 38 земји, кои ќе ги презентираат своите производи и традиции. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во автентичните вкусови, да откријат нови вински етикети и да се запознаат со современите гастрономски трендови. На саемот ќе бидат достапни повеќе од 1.000 видови вино и ракија, нудејќи незаборавни кулинарски патувања низ балканската кујна. Првиот ден од саемот (22 ноември) е резервиран за експерти и професионалци – винари, дистрибутери и сомелиери. На овој ден ќе се одржат „B2B“ средби, работилници и панел дискусии, кои ќе овозможат поврзување и размена на искуства во винската, прехранбената и туристичката индустрија.Во текот на вториот и третиот ден (23 и 24 ноември), вратите на Белградскиот саем ќе бидат отворени за сите посетители.

Во Сала 2А, експерти како Јадранка Клариќ, угледна експертка за вино од Северна Македонија, ќе водат тематски работилници. Клариќ ќе ја претстави уникатната сорта на Станушина, додека сомелиерот Душан Враниќ ќе ги открие тајните на создавање винска карта. Еден од највозбудливите сегменти на саемот ќе биде доделувањето на „Винскиот трофеј на Отворен Балкан“, кое ќе се одржи на 23 ноември. Жирито, составено од 26 меѓународни вински експерти, вклучувајќи шест носители на титулата „Мастер на виното“, ќе оцени речиси 1.000 примероци вино. Саемот „Винска визија“ не само што е платформа за промоција на виното и гастрономијата, туку и важен собир за поврзување на производителите со потрошувачите, што дополнително ја зајакнува винската култура во регионот. Не пропуштајте ја можноста да бидете дел од оваа винска авантура!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни