Електронската сцена во Белград последниве години прерасна во една од најживите во регионот. Зад неа стои мрежа од клубови, промотери, диџеи, продуценти и публика која редовно ги полни подиумите и создава чувство на континуитет, не само на „случајни“ добри ноќи. Некои простори се фокусирани на големи светски имиња, други на андерграунд звук и локални таленти, но заедничко им е тоа што електронската музика таму се доживува како дел од градската култура.
Во исто време, во Скопје се гасат ноќните клубови за електронска музика. Градот живее во циклус во кој или има еден ноќен клуб за електронска музика, или нема ниту еден. Наместо стабилна сцена, постојат изолирани настани, фестивали и pop-up журки, зад кои стојат ентузијасти што работат во услови на постојана неизвесност. Нашите соседи, Белград, но и Софија, Солун, Тирана и Приштина, се важни референтни точки кои покажуваат како изгледа кога електронската сцена добива шанса да се развива, наместо тивко да исчезнува.
Оваа репортажа Трн.мк ја обезбеди во соработка со Ведрана Ѓорѓевиќ, менаџерка на српскиот диџеј и продуцент Andrew Meller и на серијалот клубски настани со електронска музика наречен HEAT. Низ шест белградски клубови покажуваме како изгледа кога градот им дава простор на своите ноќни места да станат вистински културни точки.
Белград не е далеку, но во моментов е неколку клубови пред нас
Ben Akiba
Клубот Ben Akiba се наоѓа во центарот на градот, во познатиот савамалски дистрикт, и важи за едно од најавтентичните места на белградската клубска сцена. Со години наназад, тука се среќаваат домашни и меѓународни имиња од електронската музика, но и новата генерација регионални диџеи и продуценти. Програмата е фокусирана на house, techno и сродни електронски правци, со внимателна селекција и атмосфера која овозможува близок контакт меѓу диџејот и публиката. Ben Akiba е и место каде што се вкрстуваат различни делови од урбаната сцена – музика, уметност, галериски настани – и токму оваа комбинација го прави важна станица во ноќниот живот на Белград.

Drugstore
Drugstore е, веројатно, најиконичниот андерграунд клуб во Белград и еден од најпрепознатливите во регионот. Сместен во поранешна кланица, просторот има груба, индустриска атмосфера со бетонски конструкции и препознатлив висок таван, што му дава посебен карактер. Клубот започна да работи во 2012 година како DIY иницијатива на група ентузијасти, со идеја да создадат место каде што уметноста и забавата ќе се мешаат без строги жанровски и формални ограничувања.

Од 2014 година, кога се сели во сегашниот простор, Drugstore станува централна точка на белградската андерграунд сцена. Тука настапуваат техно и електро диџеи, live acts, indie бендови, експериментални музичари и визуелни уметници. Повеќе сцени, различни формати и отвореност кон ризик во програмските одлуки му даваат статус на културна лабораторија, а не само на клуб – место каде што Белград ја тестира границата меѓу клуб, арт-простор и сцена што постојано се менува.

Kran
Kran е еден од најновите, но и најамбициозни клубови во Белград. Сместен на почетокот на Beton Hala, под голем индустриски кран по кој го носи името, клубот уште од отворањето има јасна амбиција: да биде епицентар на современата електронска музика во регионот. Просторот комбинира урбана, индустриска естетика со силен звучен и светлосен систем, што му дава тежина и на најсуптилните сетови и на најжестоките ноќи.
Kran за многу кратко време успеа да донесе имиња како Richie Hawtin, Tiga, Guy J, Tini, Sasha, Matador, Henrik Schwarz, Fatima Hajji, Oliver Huntemann, wAFF, Juliet Fox, Chelina Manuhutu, Radio Slave, Frankey & Sandrino, Denis Horvat и Magdalena. Тоа го постави на регионалната мапа како клуб што функционира на ниво на европските адреси, а не само како локален феномен, а наградата за најдобар нов клуб за 2025 година само го потврдува тој статус.

Karmakoma
Karmakoma се отвори во 2023 година како заеднички проект на клубот Drugstore, издавачката куќа Macadam Mambo, продуцентот и музичар Hetem и уметникот Floating Bastard. Идејата е да се понуди поинакво клубско искуство во Белград, со силен акцент на звукот и квалитетот на програмата. Срцето на клубот е L’Acoustics звучниот систем, кој овозможува детално и моќно аудио искуство, особено важно за поистражувачки електронски жанрови.
Karmakoma трета година по ред важи за еден од клубовите со најамбициозен програм во Белград. На неговиот подиум досега настапиле Donato Dozzy, DJ Hell, Jane Fitz, DJ Deep, Optimo (Espacio), Alexis Le Tan, Objekt и многу други имиња кои ја дефинираат европската андерграунд сцена. Ова е клуб кој привлекува публика надвор од мејнстримот и која ја доживува журката како културно, а не само викенд искуство.

OMG
OMG е еден од поновите играчи на белградската ноќна сцена, но за кратко време стана синоним за енергични ноќи и современ пристап кон клабингот. Лоциран во градската зона каде што се концентрираат дел од новите клубови и барови, OMG е осмислен со модерен ентериер, јасен визуелен идентитет и продукција што одговара на очекувањата на новата генерација клубери.
Фокусот е на електронска музика – од house и techno до актуелни клубски хибриди – со селекција која прави баланс меѓу попристапен звук и квалитетна диџејска работа. OMG привлекува публика која бара силен звук, добар light show и crowd кој останува до рано утро. Во периодот кога белградската сцена се сели од летните сплавови кон зимските клубови, OMG е една од клучните адреси кои ја одржуваат енергијата на градот.

Backstage
Backstage – место каде што градот излегува. Во самиот центар на Белград, на Македонска 4, овој бар-клуб е препознатлив по урбаниот пристап, добриот звук и внимателно курирана програма. Од среда до сабота, секоја вечер има свој јасен идентитет: од Hot&Cold со миленијалски хитови и 90’s Night, преку mashup концептот Volim te još, до саботните Tech / Afro House вечери фокусирани на електронска музика. Backstage е место каде што секој ден во неделата има различна причина за излегување, било како загревање, било како дестинација сама по себе.
Зошто ни треба сцена, а не само по некоја журка
Електронската сцена не е само „ноќен живот“. Таа е инфраструктура за млади уметници, продуценти, диџеи, VJ-и, организатори, но и за публика која преку музика гради свој урбан идентитет. Белград, заедно со Софија, Тирана, Солун и Приштина, покажуваат што значи кога градот им дозволува на овие сцени да се развиваат: клубови со јасен став, континуитет, инвестирање во звук и простор, и заедница која знае дека вреди да се враќа.
Но ова не е само визија за иднината, ова е и потсетник. Пред 20 години, Скопје не чекаше инспирација однадвор, таа постоеше тука. Имаше ноќи кога градот дишеше во ритам, кога диџеј сетовите не беа „евент“, туку искуство, а публиката не беше само публика туку дел од приказната. Имаше места каде звукот беше став и идентитет, а не компромис; каде што не се одеше само за да се излезе, туку за да се припаѓа.
Таа генерација не градеше сцена со буџети, туку со страст и јасна визија. Секој настан беше чекор напред, секој артист имаше простор да се изрази, и секој викенд беше доказ дека Скопје може да биде центар, а не периферија. Денес, тоа чувство недостасува. Не затоа што нема талент, туку затоа што нема континуитет. Нема опстојуваат местата кои го носат идентитетот и кои ја чуваат енергијата од викенд до викенд. А сцена не се гради со спорадични журки, туку со време, со ризик, со упорност, со луѓе кои веруваат дека вреди и со поддршка на таквите херои.
Кога нема сцена, не исчезнуваат само журките. Исчезнува дијалогот меѓу уметниците и градот, исчезнува храброста за ново, исчезнува чувството дека припаѓаш на нешто што е поголемо од тебе. Град без сцена станува тивок на најгласниот можен начин. Затоа, изборот не е дали ќе имаме уште еден настан или не. Изборот е дали ќе дозволиме културата да ни стане случајна, или ќе ја градиме свесно. Ако Скопје некогаш беше точка на мапата, нема причина да не биде повторно. Но ова не е само прашање на враќање, туку на разбирање што всушност губиме ако не постои сцена. Електронската музика, кога е вистински жива, не е бегство од реалноста туку начин да ја разбереш, да ја почувствуваш и да ја обликуваш. И можеби токму таму почнува секој сериозен град: не со тоа што има, туку со тоа што одлучува да не го изгуби