Белгиската полиција денеска изврши претреси во згради што ги користи Европската комисија во рамки на истрага за наводни неправилности поврзани со продажба на недвижности вредна 900 милиони евра.
Како што објави „Гардијан“, акцијата е дел од истрага што ја води Европското јавно обвинителство (EPPO), надлежно за кривични дела што ги засегаат финансиските интереси на Европската унија. Според „Фајненшл тајмс“, кој прв ја објави информацијата, претресите биле спроведени во повеќе објекти поврзани со институциите на ЕУ во Брисел.
Портпарол на EPPO потврди дека се спроведуваат активности за прибирање докази, но одби да открие детали.
„EPPO може да потврди дека се преземаат истражни дејства во рамки на тековна истрага. Во овој момент не можеме да споделиме дополнителни информации за да не го загрозиме процесот“, соопштија од обвинителството.
Продажба на 23 згради
Европската комисија соопшти дека е запознаена со истрагата, која се однесува на продажбата на 23 згради на белгиската држава во април 2024 година. Од Комисијата нагласуваат дека трансакцијата била спроведена во согласност со сите утврдени правила и протоколи.
„Продажбата е реализирана согласно прописите и уверени сме дека постапката е спроведена правилно“, наведуваат од Европската комисија.
Белгиската држава ги купи недвижностите за 900 милиони евра, а договорот тогаш беше претставен како важен чекор во трансформацијата на европската четврт во Брисел во „модерна, атрактивна и еколошки одржлива зона“.
Комисијата настојува да го намали канцеларискиот простор по пандемијата на ковид-19, концентрирајќи ги вработените во поголеми и енергетски поефикасни објекти. Белгиските власти, пак, планираат ревитализација на административната зона со изградба на станбени, комерцијални и зелени површини.
Сомнежи од европските ревизори
Сепак, европските ревизори во последниот годишен извештај за буџетот на ЕУ изразија загриженост за можни неправилности во процесот. Посочено е дека постоел само еден понудувач, како и дека комисијата задолжена за проценка не била доволно независна.
Ова е втор познат случај на претрес во институции на ЕУ во последните три месеци. Во декември белгиската полиција изврши претрес во седиштето на дипломатската служба на ЕУ во рамки на одделна истрага за сомнеж за измама поврзана со програма за обука на млади дипломати финансирана од Унијата.
Извор: The Guardian / Financial Times / Reuters
