Белгиската војска доби официјална наредба да урива непознати дронови кои ќе летаат над воените бази на земјата, потврди началникот на одбраната Фредерик Вансина, пренесува Belga News Agency.
Одлуката доаѓа по серија ноќни инциденти – само во неделата навечер четири дрона биле забележани над воздушната база Клајне-Брогел, што е трет последователен ден на вакви појави над воени и цивилни локации низ Белгија.
„Издадена е наредба да се урнат,“ изјави Вансина за време на церемонијата на пристигнување на нов миноловец во Зебреге, додавајќи дека дроновите ќе се уриваат само ако тоа може да се направи без колатерална штета. Тој призна дека задачата е исклучително сложена, бидејќи дроновите се мали, лесно маневрираат во просторот и често летаат во ноќни услови.
Инцидентите не биле ограничени само на воените објекти — локалната полиција во Мехелен добила пријави за десетина дронови над индустриската зона Mechelen-Zuid, но потрагата не дала резултати.
Вансина истакна дека белгиските капацитети за борба против дронови се ограничени, со мал број системи за детекција, електронско ометање и противдронски топови. Сепак, нов програм за заштита од дронови е во подготовка и наскоро ќе биде доставен до Владата и Советот на министри.
Воздушната база Клајне-Брогел во понеделникот објави упатства за жителите на Пеер и околината, со повик да ги пријават сите сомнителни летала.
„Секоја забележана активност треба веднаш да се пријави во полиција,“ стои во соопштението. Граѓаните се охрабруваат, доколку е можно, да направат фотографија или видео на дронот, но и да не наседнуваат на лажни извештаи на социјалните мрежи.