Во Белгија е пронајден скелет на македонскиот државјанин Реџеп Рахмановски, кој се водел како исчезнат цели 23 години, соопшти денеска белгиската федерална полиција.
Според информациите, скелетот бил откриен минатото лето за време на реновирање на куќа во бриселската општина Форест, каде што бил заѕидан во подрумот. По откривањето, посмртните останки биле предадени на форензичка анализа.
Форензичарите утврдиле дека станува збор за Реџеп Рахмановски, роден во 1976 година во Македонија, кој последен пат бил виден на 16 јули 2003 година навечер, кога го напуштил своето работно место. По тој датум, за него немало никакви информации, сè до идентификацијата на скелетот.
Белгиската полиција соопшти дека врз основа на форензичките наоди е издаден налог за претрес на куќата, со цел да се пронајдат дополнителни информации за околностите под кои настрадал Рахмановски.
Воедно, полицијата апелира до јавноста за помош, повикувајќи ги сите кои имаат информации или можни сознанија поврзани со исчезнувањето на Рахмановски да се јават. Надлежните нагласуваат дека сите доставени информации ќе бидат третирани со целосна дискреција.
