Белгија денеска го отфрли европскиот план за искористување на замрзнатите руски средства за поддршка на украинската економија и воените напори во наредните две години. Владата во Брисел соопшти дека предложената шема носи значителни финансиски и правни ризици, пренесува АП.
Буџетските и одбранбените потреби на Украина за 2026 и 2027 година се проценуваат на околу 130 милијарди евра. Европската унија веќе вети дека ќе покрие значителен дел од тие средства. Од почетокот на војната во 2022 година, ЕУ веќе инвестирала околу 170 милијарди евра во Украина.
Замрзнатите руски средства се сметаат за најголем потенцијален извор на ново финансирање. Поголемиот дел од тие пари – околу 194 милијарди евра заклучно со јуни – се наоѓаат во Белгија. Следниот најголем износ е во Јапонија, околу 45 милијарди евра, а помали суми има и во САД, Велика Британија и Канада.
Сепак, Белгија останува воздржана, нагласувајќи дека секоја одлука за користење на замрзнатите средства мора да биде правно сигурна и финансиски одржлива.
