Трета ноќ по ред над белгиска воена база летаат непознати дронови

Белгиските власти истражуваат серија мистериозни прелети на дронови над неколку воени бази и аеродроми, што повторно го отвори прашањето за европската безбедност и идејата за „ѕид од дронови“ долж источната граница на континентот.

Третa последователна ноќ, непознати дронови биле забележани над белгиската воена база Клајне-Брогел, пренесуваат локалните медиуми.

Според извештаите, персоналот на базата забележал неколку дронови во неделата вечер, по што веднаш била испратена хеликоптерска единица. Сепак, дроновите исчезнале пред да бидат пресретнати и, според информациите на белгискиот јавен сервис VRT, се упатиле кон север – во правец на Холандија.

Белгискиот министер за одбрана, Тео Франкен, потврди дека е отворена истрага за координиран напад, велејќи дека ова „не било случаен прелет, туку јасна мисија насочена кон базата Клајне-Брогел“.

Во исто време, дронови биле забележани и над други воени објекти – Леополдбург и Марш-ан-Фамен, како и во близина на аеродромите Деурне и Остенд, што предизвикало дополнителна вознемиреност кај безбедносните служби.

Инцидентите следуваат само еден месец по пријавените 15 неидентификувани дронови над воената база Елсенборн, во близина на германската граница.

„Сè уште не е познато кој стои зад овие прелети и со каква цел се изведуваат,“ соопшти Министерството за одбрана на Белгија, додавајќи дека во тек се анализи на радарски снимки и безбедносни записи.

Серијата од вакви појави во последните недели повторно ја отвори дебатата во Европската унија околу можноста за изградба на „ѕид од дронови“, кој би ја заштитувал источната граница на континентот од потенцијални руски напади или шпионски летови.

Европските лидери веќе најавија дека до крајот на 2027 година би можел да биде функционален систем за интегрирана воздушна одбрана против беспилотни летала, кој ќе се координира меѓу повеќе земји-членки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни