Во тие бесконечни процеси на метафорично менување облици, на зреење, на искусување проблеми, предизвици и собирање на мал ранец како товар кој се носи со себе, ми се чини како најважното нешто е да се постави јасна граница меѓу она кое сме го земале, стекнале ненамерно од другите и сме го пресликале како мехамизам преку кој го доживуваме животот. Да може да се види каде е она што сме ние наспроти она што го впиваме од светот без филтер, без можност да се одбере неговото влијание врз нас. Учиме толку многу работи за функционирањето на работите околу нас, но никој не нè подготви за тоа колку работи треба да отфрлиме, да заборавиме и да одучиме за да се видиме себе појасно.
Што сè да се одучи, се прашувам често? Чувството на вина за нешта кои немаат врска со нас, дека не сме доволно добри, способни, стравот дека нема да го најдеме своето место, љубов, кариера, смисла… Навиките да бидеме груби кон себе и да го уништуваме сами потенцијалот да веруваме во тоа што сме го граделе во своите мали ѕидини со години, истовремено, и тој амбивалентен однос кон љубовта, кон искреното доживување на поврзувањето, без разлика колку трае. Да се одучи потребата да се биде тивок и незабележан само затоа што тоа се смета за конвенционално, незаинтересираноста за животот околу нас, криењето на болката, безброј работи на една долга листа.
Никој не ме подготви колку непријатно и тешко е растењето, обидот да станеш човек со интегритет, полн чувства од кои не се плашиш и кога страдаш, човек кој стои позади себе. Затоа имам толку многу белешки за тоа растење и сакам да ги зборувам. Бидејќи кога проаѓам низ работите и пишувам за нив, можам да ги споделам потоа, а споделените работи добиваат поголема смисла и преку нив се гради чувството дека има утеха во зборот заедничко. Истовремено, колку и да е нарушена сликата за розовото созревање, кое никогаш и не постоело, знам дека има многу бои кои треба да останат некаде запишани, за кои треба да се зборува. И сите се откриваат токму преку одучувањето на нештата кои не сме избрале да нè дефинираат, а толку силно ни заземаат важен простор во животот. Растам за да освестам дека може поинаку, иако никој не рече дека ќе биде лесно.