Белата куќа годинава блеска во празничен сјај откако првата дама на САД, Меланија Трамп, ја претстави божиќната декорација со темата „Домот е таму каде што е срцето“. Со оваа тема, Меланија испраќа порака дека домот не е само простор туку чувство, топлина, сигурност и љубов што секој ја носи со себе без разлика каде се наоѓа.
„Овој Божиќ, да ја прославиме љубовта што ја носиме во себе и да ја споделиме со светот околу нас. Каде и да сме, можеме да создадеме дом исполнет со грациозност, раскош и бескрајни можности“, изјави таа, нагласувајќи дека празниците се време за единство и благодарност.
Дизајнот и украсувањето ги изработи долгогодишниот соработник Ерве Пјер, кој придонесе Белата куќа да се претвори во вистинска зимска бајка. Традиционалните 75 венци со црвени машни ги красат прозорците, додека повеќе од 50 новогодишни елки го исполнуваат просторот со празнична атмосфера. Дополнително, 210 метри венци, 7.500 метри панделки и 3.500 рачно изработени пеперутки се поставени низ собите, создавајќи раскошна и топла визуелна композиција.
Еден од највпечатливите елементи е фотографијата од претседателот Доналд Трамп направена веднаш по пукањето за време на изборниот митинг во Пенсилванија, која е поставена како симбол на издржливост и лидерство. Присутни се и два големи портрети на претседателот изработени од над 6.000 делчиња сложувалка, што дополнително го персонализира празничниот амбиент.

Декорацијата, исто така, оддава почит на големиот јубилеј-250 години од потпишувањето на Декларацијата за независност на САД, кој ќе се одбележи следната година. Во чест на оваа важна годишнина, дел од украсите се инспирирани од американската историја и симболика.
Јавните тури низ Белата куќа, кои беа привремено прекинати поради градежни активности, се враќаат од вторник. Посетителите повторно ќе можат да ја видат празничната декорација, но овој пат со скратена рута ограничена само на државниот дел на резиденцијата.
