Бела куќа објави: Рубио, Блер и Кушнер во „Одборот за мир“ на Трамп за Газа

Бела куќа ги објави членовите на „Одборот за мир“ на Доналд Трамп кој ќе ја надгледува привремената управа на Газа, меѓу кои се Марко Рубио, Тони Блер и Џаред Кушнер.

Белата куќа вчера ги објави имињата на членовите на таканаречениот „Одбор за мир“, кој според планот на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја надгледува привремената управа на Појасот Газа. Одлуката доаѓа во услови на продолжено смртоносно насилство, и покрај кревкото примирје што стапи на сила во октомври.

Рубио, Блер и Кушнер меѓу членовите

Меѓу членовите на Одборот се американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник на Трамп Стив Виткоф, поранешниот британски премиер Тони Блер и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, соопшти Бела куќа.

Според планот објавен кон крајот на минатата година, Трамп лично ќе претседава со Одборот, кој има централна улога во спроведувањето на примирјето во Газа.

„Секој член ќе надгледува клучен сектор“

Одборот се состои од седум лица, од кои пет се американски државјани. Меѓу нив се и милијардерот Марк Роуан, директор на инвестицискиот фонд Apollo Global Management, претседателот на Светската банка Аџај Банга, како и Роберт Габриел, советник на Доналд Трамп.

Поранешниот специјален пратеник на ОН за Блискиот Исток, Николaј Младенов, е назначен за висок претставник за Газа.

„Секој од нив ќе надгледува јасно дефиниран сектор неопходен за стабилизација и долгорочен успех на Газа – од воспоставување управувачки структури и регионални односи, до обнова, инвестиции, финансирање од големи размери и мобилизација на капитал“, се наведува во соопштението.

Меѓународни сили и безбедносен аспект

Генерал-мајор Џаспер Џеферс, поранешен командант на американските специјални операции, е именуван за командант на Меѓународните стабилизациски сили на палестинската територија.

Овие сили треба да бидат распоредени во рамки на втората фаза од примирјето, кое стапи на сила на 10 октомври под притисок на Соединетите Американски Држави.

Критики: „Колонијален модел на управување“

Одлуката предизвика критики од експерти за човекови права, кои оценуваат дека надзорот на Трамп врз управувањето со странска територија наликува на колонијална структура. Учество на Тони Блер, исто така, беше критикувано поради неговата улога во војната во Ирак.

Продолжени обвинувања и тешка хуманитарна состојба

И покрај примирјето, Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Од почетокот на примирјето во октомври убиени се над 440 Палестинци, меѓу кои повеќе од 100 деца, како и тројца израелски војници.

Израелската воена офанзива во Газа, која започна кон крајот на 2023 година, однесе десетици илјади животи, предизвика глад и целосно раселување на населението. Голем број експерти за човекови права, научници и истрага на ОН оценуваат дека станува збор за геноцид. Израел тврди дека дејствува во самоодбрана по нападот на Хамас во октомври 2023 година, кога беа убиени 1.200 лица и земени над 250 заложници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни