Четири лица загинаа, а 13 се повредени во страшна несреќа што се случила во саботата рано наутро во Тампа, на Флорида, кога полициска потера завршила со забивање на автомобил во посетители пред популарниот ЛГБТК бар Bradley’s, јавува CBS News.
Потера и неуспешен маневар
Сè започнало околу 00:40 часот на автопатот Interstate 275, кога полициската воздушна патрола забележала 22-годишен возач, Силас Семпсон, како вози несмасно и опасно. Патролата потоа започнала потера, а видеото објавено од полицијата во Тампа го прикажува автомобилот на полицијата како со голема брзина го следи осомничениот.
Во текот на потерата, полицијата се обидела да изведе таканаречен PIT маневар – техника со која се обидуваат да го завртат возилото на бегалецот за 180 степени и да го запрат.
Сепак, обидот – забележан на снимка од хеликоптер – бил неуспешен.
Иако успешно изведениот PIT маневар може брзо да ја заврши потерата, методата е контроверзна поради големиот ризик од тешки повреди или смрт. Федералната влада уште во 2023 година објави извештај во кој ги повика полициските сили да ја ограничат употребата на потери и да разгледаат побезбедни алтернативи.
Трагичен крај и истрага
По неуспешниот маневар, патролата ја прекинала потерата, но Семпсон изгубил контрола над возилото и се забил во група од повеќе од десетина луѓе кои стоеле пред барот. Снимка од блиска безбедносна камера го регистрирала ужасниот момент на ударот.
Три лица починале на местото на несреќата, а четвртата жртва подлегнала на повредите во болница. Две лица сè уште се во критична состојба.
Полицијата соопшти:
„Во моментов нема докази дека постапките на Семпсон биле насочени кон конкретни лица или деловни објекти.“
Семпсон бил уапсен на местото на несреќата, а истрагата продолжува. Засега не е познато со кои обвиненија ќе се соочи.