Настапот на Бед Бани на полувремето од Супербоул, според првичните проценки, би можел да влезе во историјата како најгледаниот халфтајм шоу досега. Според податоците на CBS News, настапот на порториканската ѕвезда го следеле дури 135,4 милиони гледачи, што е повеќе од досегашниот рекорд поставен минатата година.
31-годишниот артист, со вистинско име Бенито Мартинез Окасио, настапи на стадионот Levi’s Stadium во Санта Клара, Калифорнија, каде што внесе силен латино-ритам и културна симболика. Шоуто започна со хитот „Tití Me Preguntó“, додека Бед Бани се движеше низ сценографија во форма на поле со шеќерна трска, облечен во бела комбинација и со топка за американски фудбал во рацете.
Во текот на настапот, на сцената му се придружија и гости изненадување. Лејди Гага ја изведе својата песна „Die With A Smile“ во салса-аранжман, додека Рики Мартин ја испеа „Lo que le pasó a Hawaii“. Во публиката беа забележани и бројни ѕвезди, меѓу кои Педро Паскал, Карди Би и Џесика Алба.
Социјалните мрежи „експлодираа“
Настапот предизвика бран воодушевување на социјалните мрежи. Фановите ја пофалија енергијата, продукцијата и симбиозата меѓу музиката и пораката.
„Продукција – десетка, сценографија – десетка, кореографија – десетка. Бед Бани и Гага – чиста магија“, гласи еден од коментарите.
Посебно внимание привлече појавувањето на Лејди Гага, со оглед дека Бед Бани јавно важи за нејзин голем обожавател, што многумина го протолкуваа како „победа на еден фан“.
Рекорди, но со резерва
Доколку бројките се потврдат, Бед Бани би го надминал минатогодишниот настап на Кендрик Ламар (133,5 милиони гледачи). За споредба, Ашер во 2024 година го следеа 129,3 милиони луѓе, а Ријана во 2023 – околу 121 милион.
Сепак, официјалната потврда сè уште се чека. Агенцијата Nielsen, која ја мери телевизиската гледаност во САД, пресметува просечен број гледачи по минута и ги опфаќа исклучиво американските гледачи, без меѓународната публика.
Порака зад спектаклот
И покрај критиките од дел од конзервативната јавност, вклучително и од поранешниот претседател Доналд Трамп, настапот на Бед Бани беше јасно обоен со порака. На крајот од шоуто тој изговори: „Бог да ја благослови Америка“, по што наброја земји од Латинска Америка од кои потекнуваат многу имигранти во САД. На екранот се појави пораката:
„Единственото нешто помоќно од омразата е љубовта.“
Настапот дојде само една недела откако Бед Бани освои Греми за албум на годината со „Debí Tirar Más Fotos“ – првпат ова признание да му припадне на албум на шпански јазик. Во говорот, тој им ја посвети наградата на сите што морале да ја напуштат татковината за да ги следат своите соништа и остро ја критикуваше американската имиграциска политика.
Извор: Index.hr / CBS News
