Студентската организација BEST Skopje ги повикува младите кои сакаат повеќе од предавања и испити да се приклучат на настанот beBESTie, што ќе се одржи на 7 март 2026 година во 13:00 часот во Netaville.
БЕСТ Скопје (Борд на Европски Студенти по Технологија) веќе 24 години делува како проактивна, неполитичка и непрофитна студентска организација, раководена исклучиво од студенти. Нејзината цел е промовирање на студентската визија и унапредување на студентскиот стандард преку различни проекти и настани.
Во изминатите години организацијата стои зад иницијативи како Саемот за вработување и кариера, Хакатон, Симпозиум за едукација и други студентски активности.
beBESTie е настан наменет за студенти кои сакаат да стекнат практично искуство, нови контакти и да ги развијат своите меки и тврди вештини. Учесниците ќе бидат распределени во тимови – Дизајн, Односи со компании (FR), Односи со јавност (PR), Информациски технологии (IT) и други – каде ќе работат на организација на фиктивен настан.
Преку оваа симулација студентите ќе стекнат увид во процесот на планирање и реализација на еден студентски проект, додека истовремено ќе ги развиваат вештините за комуникација, јавно говорење, лидерство, тимска работа и управување со време.
Организаторите посочуваат дека настанот нуди простор за излегување од комфор зоната и градење самодоверба која ќе биде корисна и во академскиот и во професионалниот развој.
Пријавувањето е отворено преку следниот линк, а повеќе информации може да се најдат на нивните официјални профили на социјалните мрежи. Настанот ќе се одржи на 7 март во 13:00 часот во Netaville во Скопје.