BBC World Service пред неизвесна иднина: Се чека клучната одлука за финансирање

Раководството на BBC предупредува на ризик од намалување на меѓународното известување и раст на дезинформациите доколку не се обезбеди нов договор за финансирање од британската влада.

BBC World Service, најголемиот светски информативен сервис, се наоѓа пред неизвесна иднина додека се чека одлуката на британската влада за финансирањето во наредниот период.

Генералниот директор на BBC, Тим Дејви, во последен обид да обезбеди средства од Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој (FCDO), предупреди дека евентуалното намалување на буџетот може да доведе до кратење на меѓународното известување и дополнително ширење на дезинформации „со неверојатна брзина“ на дигиталните платформи, пренесе „Гардијан“.

Тековниот финансиски аранжман со FCDO истекува на крајот на март, односно за околу седум недели.

„Го чекаме исходот од преговорите“, изјави Дејви, нагласувајќи дека во меѓувреме други западни медиумски куќи ги намалуваат своите меѓународни редакции, додека „медиумите под државна контрола користат вештачка интелигенција за пропаганда“.

Раст на влијанието на руските и кинеските медиуми

Раководството на BBC предупредува дека евентуалното намалување на сервисите би можело да има сериозни глобални последици. Според интерно истражување на BBC, нивото на доверба во сервисот останува стабилно и изнесува 78 проценти, слично како и пред четири години.

Истовремено, како што наведуваат од компанијата, забележан е пораст на довербата во медиуми финансирани од Русија и Кина во повеќе региони во светот.

BBC World Service емитува радио, телевизиски и онлајн содржини на повеќе од 40 јазици и има клучна улога во обезбедување независни информации во земји каде медиумските слободи се ограничени.

Буџет од 460 милиони евра

Вкупниот буџет на BBC World Service изнесува околу 460 милиони евра. Поголемиот дел од средствата доаѓа од претплатата (лиценцната такса), додека FCDO минатата година обезбедил 157 милиони евра преку грантови.

„Ја повикувам владата да го поддржи BBC World Service и да делува одлучно и брзо, за публиката и понатаму да може да се потпира на нашиот новинарски труд – најдоброто што Обединетото Кралство може да го понуди“, порача Дејви.

Од друга страна, министерот во FCDO, Крис Елмор, изјави дека одлуката за финансирање во наредните три години ќе биде донесена пред почетокот на фискалната 2026/27 година, во рамки на процесот на буџетски распределби.

„Работата што ја врши BBC World Service како независен и доверлив емитер, кој ги претставува Обединетото Кралство, нашата култура и вредности ширум светот, оваа влада високо ја цени“, истакна Елмор.

Сепак, конечната распределба на средствата сè уште не е соопштена, што ја остава иднината на глобалниот сервис отворена – во време кога борбата против дезинформациите и информациските војни станува сè поинтензивна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни