Последната криза во Ормускиот теснец ја открива сериозната неподготвеност на западните земји за евентуален поморски конфликт со Иран, пишува BBC.
Американскиот претседател Доналд Трамп во последните денови ги повика сојузниците од НАТО да помогнат во обезбедувањето на пловидбата низ теснецот – клучна артерија за глобалната трговија со нафта. Но реакциите од европските партнери се внимателни и резервирани, што покажува дека брзо решение за кризата засега не е на повидок.
Поранешниот началник на британскиот Генералштаб, генерал сер Ник Картер, за BBC објасни дека природата на алијансата често се погрешно толкува.
„НАТО е создаден како одбранбен сојуз“, изјави Картер. „Не е замислен така што една членка ќе започне војна по сопствен избор, а потоа сите други ќе мора да ја следат.“
Тој додаде дека таквиот пристап не е визијата за НАТО што ја имаат повеќето членки.
Во изјавите на Трамп, според аналитичарите, има и одредена иронија – бидејќи само пред два месеца тој изрази претензии кон Гренланд, суверена територија на Данска, која исто така е членка на НАТО.
Неколку европски влади директно го одбија американскиот повик за воена поддршка.
Портпарол на германската влада изјави дека војната со Иран „нема никаква врска со НАТО“.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја исмеа идејата дека европските флоти можат значително да помогнат.
„Што точно очекува Трамп од неколку европски фрегати што моќната американска морнарица не може сама да го постигне?“, праша тој. „Ова не е наша војна. Ние не ја започнавме.“
И покрај политичките несогласувања, западните влади се свесни дека кризата во Персискиот Залив мора брзо да се реши.
Иран ја блокира пловидбата низ Ормускиот теснец за бродови поврзани со западните земји, додека им дозволува транзит на танкери што превезуваат иранска нафта кон партнери како Индија и Кина.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека се водат разговори со американските, европските и заливските партнери за изработка на „изводлив план“, но призна дека сè уште нема конечна одлука.
Еден од главните проблеми е што западните морнарици веќе долго време не инвестираат доволно во разминирање на морски патишта – задача што би била клучна ако Иран постави поморски мини во теснецот. Генералот Картер потсети дека последната голема операција за чистење мини на море била во 1991 година, кога меѓународна коалиција ги расчистувала мините поставени од Ирак во водите кај Кувајт.
„Ни требаа 51 ден да ги исчистиме мините“, рече Картер. „Ниедна морнарица, па ни американската, не инвестираше во тоа колку што требаше.“
Заканата, сепак, не доаѓа само од поморски мини.
Според воени аналитичари, Иранската револуционерна гарда располага со вооружени брзи чамци, поморски дронови-самоубијци и ракети лансирани од брегот. Снимки објавени од иранската агенција Фарс прикажуваат голем број бродови и дронови складирани во подземни тунели, што сугерира дека Техеран долго време се подготвувал за вакво сценарио.
Во меѓувреме, Европската унија разгледува можност за проширување на својата поморска мисија во Црвеното Море, операцијата „Аспидес“, која моментално располага со само три воени бродови.
Шефицата на европската дипломатија Каја Калас смета дека проширувањето на мисијата би било најбрзиот начин за зголемување на безбедноста во регионот. Но не сите членки се подготвени за таков чекор.
Додека Франција покажува најголема подготвеност за евентуален ангажман, претседателот Емануел Макрон изјави дека тоа може да се случи дури по завршувањето на „најжестоката фаза“ од конфликтот.
Во меѓувреме, западните сојузници се наоѓаат во незгодна позиција: да не се вклучат во конфликтот носи ризик за глобалната економија, но директна воена интервенција би можела дополнително да ја ескалира кризата. Како што предупредуваат аналитичарите, решение за кризата во Ормускиот теснец засега не е на повидок.