Дел од демонстрантите кои протестираа против суспендирањето на евроинтеграциите на Грузија во ноември 2024 година сведочат дека водените топови што ги погодиле им предизвикале чувство на силно горење, кое не можело да се отстрани ни со вода. Многумина развиле симптоми како кашлица, отежнато дишење, повраќање и слабост – кои траеле со недели, а кај стотици и повеќе од еден месец.
Доктори, свиркачи и документи – сите упатуваат на истиот хемиски агенс
BBC разговарал со експерти за хемиско оружје, доктори и поранешни припадници на специјалната единица на грузиската полиција. Сите нивни искази укажуваат на истата супстанција: bromobenzyl cyanide, позната како „камит“.
Педијатарот д-р Константин Чахунашвили – кој и самиот бил погоден од водените топови – спровел студија со скоро 350 учесници. Речиси половина од нив пријавиле симптоми што траеле подолго од 30 дена. Кај 69 испитаници докторот забележал и значајни абнормалности во срцевата електрична активност. Студијата е прифатена за објавување во меѓународното списание Toxicology Reports.
Поранешниот шеф за вооружување во специјалната полициска единица, Лаша Шергелашвили, тврди дека уште во 2009 година бил задолжен да тестира хемиски агенс кој предизвикувал силно печење, неможност за дишење и последици што траат со денови. Тој препорачал супстанцијата да не се користи, но полициските возила со водени топови биле сепак наполнети со неа – сè до неговото заминување во 2022 година.
BBC дошол до полициски инвентар од 2019 година кој содржи две хемикалии: „Chemical liquid UN1710“, идентификувана како трихлороетилен (TCE), и „Chemical powder UN3439“ – групен код кој меѓу другото го опфаќа и камит. Експертите проценија дека комбинацијата укажува токму на овој силен хемиски агенс.
„Ова е 10 пати посилно од солзавец“
Професорот Кристофер Холстег, врвен светски токсиколог, за BBC изјави дека клиничките описани симптоми одговараат на камит, а не на стандардни средства за растерување толпи како CS-гас.
Шергелашвили сведочи дека супстанцијата е „веројатно 10 пати посилна“ од класичниот солзавец. Ако се пролее на земја, според него, „луѓето не можат да престојуваат во таа област два до три дена“.
Камит бил кратко користен и во САД по Првата светска војна, но бил напуштен поради опасноста и појавата на побезбедни алтернативи.
Можно нарушување на меѓународното право
УН-известувачката за тортура, Алис Едвардс, вели дека употребата на хемикалија со долготрајни ефекти претставува сериозно кршење на човековите права.
„Ова личи на експериментално оружје. Населението никогаш не смее да биде предмет на експерименти,“ рече таа, истакнувајќи дека ефектите од средство за контрола на толпа според меѓународното право мора да бидат краткотрајни.
Симптомите опишани од демонстрантите „ја надминуваат секоја прифатлива граница“, додаде Едвардс, барајќи истраги, вклучително и под основи за тортура.
Грузиската влада ги отфрла наводите
Грузиските власти ги оценија наодите како „апсурдни“ и „неосновани“, тврдејќи дека полицијата делувала законски против „илегалните дејствија на брутални криминалци“.
Протестите на Руставели авенија траат речиси секоја вечер веќе една година. Демонстрантите обвинуваат дека владата ги наместила изборите, работи во корист на Русија и усвојува закони кои го ограничуваат граѓанското општество.
Владејачката партија „Грузиски сон“ го негира тоа, тврдејќи дека сите законски измени биле донесени во интерес на „јавната благосостојба“.
Извор: BBC
