Бајден ја поддржа Камала Харис да биде кандидатката која ќе го победи Трамп

Фото: Adam Schultz / Biden for President

Откако актуелниот американски претседател Џо Бајден објави дека се откажува од барањето реизбор за нов четиригодишен мандат, тој ја поддржа неговата потпретседателка Камала Харис да биде негова замена како кандидатка на Демократската партија.

„Мојата прва одлука како партиски кандидат во 2020 година беше да ја изберам Камала Харис за моја потпретседателка. И тоа беше најдобрата одлука што ја донесов.  Денес сакам да дадам целосна поддршка за Камала да биде кандидатката на нашата партија оваа година“ напиша Бајден на социјалните мрежи.

Тој додаде дека дојде време Демократската партија да се обедини и заедно да го победат Доналд Трамп на изборите во ноември.

Одлуката на Бајден да се повлече од трката, иако останува како претседател, е кулминација на неколку бурни недели во американската политика. Трамп, поранешниот претседател и републикански кандидат, за влакно преживеа обид за атентат за време на предизборен митинг во Пенсилванија. Бајден, откако апелираше за смиреност по нападот, минатата недела се врати на кампањата решен да ја спаси својата кандидатура и уште еднаш да докаже дека тие кои се сомневаат во него грешат.

Во јавните настапи, Бајден беше одлучен инсистирајќи дека ќе остане кандидатот на Демократската партија за изборите во ноември, освен ако не е турнат од воз или поради медицински причини. Изминатава недела тој беше дијагнностициран со Ковид.

Националната конвенција на Демократската партија е закажана на 19 август во Чикаго, а откажувањето на Бајден од претседателската трка ја става партијата во непознати води. Новиот кандидат исто така ќе има краток рок да избере и потпретседател, кој ќе се спротивстави на Трамп и неговиот избор Џеј-Ди Ванс.

95 отсто од делегатите кои беа врзани да гласаат Бајден по неговите победи на партиските избори сега ќе може изберат друг кандидат. Околу четири илјади делегати на Демократската партија ќе се соберат во Чикаго за да изберат нов кандидат за претседател, а досегашната потпретседателка Камала Харис е првичен фаворит за да го замени Бајден.

Најново

Последни колумни