Oд 1ви до 8ми Март, секој работен ден (освен недела) во 10-20 часот во Градскиот трговски центар ќе се одржи традиционалниот осмомартовски базар, организиран од Занаетчиска комора Скопје и ГТЦ.
„Доколку се прашувате каков подарок би бил пригоден и совршен за денот на Жената, 8ми Март, тогаш несомнено би требало да се посети традиционалниот базар на ракотворби во ГТЦ. На дваесетина тезги, поставени на приземјето, љубезно и срдечно ќе бидете пречекани од самите ракотворци. Нивните ракотворби се изработени со големо внимание и љубов и секако, разновидни и уникатни“ велат организаторите.

На базарот ќе биде прикажан широк асортиман на ракотворби, од мартинки, плетени алки, накит изработен од епоксидна смола, полимерна глина, кожни и дрвени аксесоари и модни додатоци, полудрагоцени камења и кристали, филигрански накит, декоративни свеќи, домашни етерични масла, природни цвеќиња, па сѐ до сребрен накит и уметнички слики.
Ракотворците кои ќе се претстават се: Креативно студио Алегра, Филигран М Накит, Farina’s Handmade, Катарина Дода Јувелир, Добро Ми Стои, Арт студио С, Ателје Сиена, Siena Silver Jewelry, My precious, M&M Luxury Soap Bouquet, Декорации Марија, Уметничко студио Фантаст, Паеон, Шарена Приказна, Хеклана, Студио Кристина, Шарено ќоше, Дониа Ма, Мама Органа.