Институтот за јавно здравје на Србија Др Милан Јовановиќ Батут апелира до граѓаните да бидат особено внимателни за време на ниските температури, предупредувајќи дека долготрајната изложеност на студ, ветер и зголемена влажност може сериозно да го загрози здравјето.
Од „Батут“ посочуваат дека ваквите услови го забрзуваат губењето на телесната топлина, а најчести последици се промрзнатини, кои најчесто се јавуваат на стапалата, прстите на рацете, ушите и носот поради нарушена циркулација. Првичните симптоми вклучуваат чувство на силен студ и болка, по што може да следи губење на чувството, промена на бојата на кожата и оток, а во потешки случаи и појава на плускавци.
Покрај локалните оштетувања, ниските температури можат да доведат и до општа хипотермија – состојба во која телото губи повеќе топлина отколку што произведува. Во почетокот се јавува силно тресење и чувство на студ, а подоцна замор, поспаност, забавени реакции и нарушена координација. Во вакви случаи неопходно е итно да се побара медицинска помош.
Институтот советува лицата кои биле изложени на студ да се внесат во топла просторија, влажната облека и обувки да се заменат со суви, како и да им се дадат топли, засладени напитоци или супа. Промрзнатите делови од телото не треба да се тријат или нагло да се загреваат со топла вода или грејни тела, бидејќи тоа може дополнително да ја оштети кожата.
Посебно ранливи категории се новороденчињата, малите деца, лицата над 65 години, хронично болните, како и лицата кои работат или престојуваат на отворено. „Батут“ предупредува дека алкохолот не смее да се користи за „загревање“, бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија, и препорачува редовна исхрана со топли, калорични оброци.
Граѓаните се повикуваат да се облекуваат слоевито, со соодветна зимска гардероба, да носат топла и водоотпорна обувка со нелизгачки ѓон, како и да ја заштитат главата, лицето и рацете. Во случај на влажна облека, таа треба што побрзо да се замени.
Институтот апелира и на зголемена внимателност во сообраќајот, како кај пешаците поради лизгави тротоари, така и кај возачите, кои треба да користат зимска опрема и да избегнуваат непотребни патувања, особено кон планинските предели. Дополнително, се препорачува граѓаните да ги проверат постарите лица и оние што живеат сами, и да им помогнат со неопходните намирници и греење.
Од „Батут“ порачуваат дека редовното следење на временските прогнози и почитувањето на препораките од надлежните служби е клучно за заштита на здравјето за време на студените денов
