Баскерфест 2025 – „Побарај ја забавата“ и во септември во вториот дел од уметничкиот караван

По успешниот прв дел од фестивалот во август, кој ја опфати скопската општина Кисела Вода, Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид и Тетово, Баскерфест 2025 продолжува со своето 15. јубилејно издание низ Македонија.

Од 1 до 6 септември, фестивалот ќе гостува на шест локации во три градови, односно од 1 до 4 септември, домаќини на баскерџиите ќе бидат четири скопски општини.

На 1 септември, уметничкиот караван ќе се претстави на плоштадот во општина Бутел, на 2 септември во Аеродром, а на 3 септември на плоштадот во Гази Баба. На 4 септември перформансите ќе се одржуваат во паркот во Ѓорче Петров, додека на 5 септември Баскерфест ќе настапува на градскиот плоштад во Куманово. Последната фестивалска вечер, на 6 септември, е резервирана за Гевгелија. Целовечерните шоуа на сите локации ќе започнуваат во 19 часот и ветуваат богата програма полна со енергија, смеење и уметничко воодушевување.

И во вториот дел од уметничкиот караван, публиката ќе може да ужива во настапите на повеќе од 20 интернационални артисти кои на сцената под отворено небо ќе донесат акробации, жонглирање, уличен театар, огнено шоу, балон магија…

Фестивалските вечери ќе ги исполнат огнениот спектакл на Plucie Ogniem од Полска, театарско-циркускиот настап на харизматичниот Hiram Meza од Чиле, уницикл-шоутo „Equilibrium“ на Mr. Mostacho, шармот и хуморот на куклите Carolina и Maria Beijoqueira од Edu Boneco од Бразил, балон-уметноста на Sean Rooney од Канада, како и локалниот дух преку перформансите на македонскиот артист Кристијан Бенито. Танцовата енергија и актерската уметност ќе ја внесат The Beat Killers Academy од Албанија и статуите од Србија, додека за музичката програма ќе се погрижи DJ MartiAn.

Настапите досега донесоа вистинска магија и воодушевување кај публиката од сите генерации. Аплаузите и насмевките не стивнуваа, а атмосферата на уличните сцени  креираа незаборавна забава која ги поврзуваше луѓето низ уметноста и спонтаноста. Заедничката радост, интензивните емоции и динамичните перформанси создадоа моменти што ќе останат во сеќавање и ќе го надополнат богатиот културен календар на Македонија.

Затоа, „Побарај ја забавата“ и во септември во вториот дел од уметничкиот караван Баскерфест 2025!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни