Шеснаесет станици од метрото во Барселона се дел од новиот проект „MetroCharge“, при што енергијата од сопирачките на подземните возови се користи за напојување на возовите и самите станици, додека остатокот се испраќа низ кабли до површината за да се напојуваат станиците за приватните електрични возила.
Регенеративните сопирачки се дел од возовите со децении. Сега се користат и во некои автомобили. Тие се состојат од електричен мотор кој ја доловува енергијата искористена во дејството на сопирањето што би се изгубила како топлина со конвенционалните сопирачки. Таа енергија може веднаш да се искористи за забрзување на возилото или, во случајот со подземниот систем во Барселона, да се испрати по кабли за снабдување со електрична енергија за станицата или полначи за електрични автомобили.
Алваро Луна, професор по електротехника на Политехничкиот универзитет во Каталонија, рече дека системот е иновативен бидејќи дозволува рециклирана енергија да се пренасочува кон специфични локални намени – во овој случај напојување на електрични автомобили паркирани во близина. Тоа, вели тој, ја зголемува ефикасноста.
,,Бидејќи станиците за полнење се инсталирани во близина, енергијата, наместо да се врати во општата електрична мрежа, оди директно во станиците за полнење, а тоа му овозможува на давателот потенцијално да понуди пониски цени“, рече Луна.
Инаку, во Барселона со метро секој ден се возат околу 2,3 милиони луѓе. Со новата технологија Барселона му помага на јавниот транспорт да стане поеколошки, а исто така учествува во борбата против климатските промени. Шпанија, како и другите медитерански земји, го чувствува влијанието на климатските промени, велат експертите, со фреквенцијата на продолжени суши и екстремни временски настани, како што се неодамнешните разорни поплави, кои ќе се зголемат во текот на следните години