Челникот на швајцарскиот кантон во кој во пожар во бар загинаа 40 млади луѓе изрази гнев поради фактот што локалните власти не го проверувале местото на трагедијата дури шест години, додека обвинителите ги засилуваат напорите одговорните да бидат повикани на одговорност.
Градоначалникот на скијачкиот центар Кранс-Монтана оваа недела изјави дека барот „Le Constellation“ не бил инспектиран од 2019 година, а шефот на владата на кантонот Вале, Матијас Рејнард, изрази незадоволство поради тоа во интервју за локалниот весник.
„Бев лут“, изјави тој за Le Temps кога беше прашан за изостанатите инспекции и контроли на просторот. „Поради овие сериозни пропусти. И мислам дека е нормално да се биде лут, но мора да ѝ дозволиме на правдата да си го направи своето.“
Раководителот на службата за безбедност на Вале оваа недела изјави дека изолациската пена во подрумот на барот, каде што избувна пожарот за време на новогодишната прослава, требало да биде проверувана согласно законот, што е спротивно на изјавите на градоначалникот на Кранс-Монтана. Поголемиот дел од жртвите биле тинејџери.
Уапсен еден од сопствениците
Обвинителите во петокот одредија притвор за Жак Морети, еден од двајцата француски сопственици на барот. Судот наскоро ќе одлучи дали ќе биде и формално уапсен. Обвинителството ги истражува сопствениците поради сомнение за тешко кривично дело, при што се споменува и убиство од небрежност. Семејствата на жртвите поднеле тужби поврзани со пожарот.
Џесика Морети, партнерка на Жак, во петокот им се извини на жртвите. Двојката јавно изјави дека е скршена од трагедијата. Во Швајцарија сè погласни се повиците одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата. Критичарите на истрагата ја доведоа во прашање и околноста што двајцата сопственици толку долго биле на слобода.
„Одговорните ќе мора да сносат одговорност, вклучително и надлежните власти“, изјави Рејнард.
