Трн: Каква цел имаат вашите проекти?
Миодраг: Нашите проекти имаат за цел да сфатиме што е јавно,јавен простор, да му пријдеме, да го искористиме, да ги знаеме нашите права во однос на користење на јавните простори.
Трн: Проект Градот како сцена: Дали би можеле да споделите сознанија за долгорочниот проект „Градот како сцена: изведување на јавниот простор“? Како вашиот работен процес придонесува за овој проект, особено во трансформирањето на урбаните контексти во перформанси или интервенција на јавни простори?
Миодраг: Од самиот почеток, ние размислуваме како ова поинакво читање на градот може да биде сцена, односно место за различни сценски случувања, веќе во таа хипотеза приоѓаме методолошки, односно со различни методи на читање на градот.
Трн: Кои методологии или пристапи ги користите кога читате различни урбани контексти? Како го концептуализирате трансформирањето на овие читања во перформативни интервенции?
Миодраг: Различни методологии. Почнуваме со некои лесни вежби на интеракција, како да истражиш нешто, како да му пријдеш на некој со кој не се среќаваш често, како паметно да поставиш прашање, како да се маскираш во некој друг. Тоа е првата вежба. Второ ниво е набљудување кои простори би можеле да бидат интересни за бирање на простор за сценска активација. Даваме можност на студентите прво градот да го доживеат со сите сетила, ги тераме да шетаат повеќе и тогаш им се засилува капацитетот и почнуваат да размислуваат за други работи, надвор од она што е секојдневно видливо. Им се шират видиците кога ги исфрлуваме од рутината. Потоа оди фазата на трансформација на тоа место. Четвртата фаза е ова што сега ние го работиме: Предлозите за трансформација да им ги претставиме на другите луѓе. Попаметни граѓани.
Еве да речеме за Домче ние постојно размислуваме, не само како да направиме три претстави, туку како да остане во контакт со својата заедница. А таа заедница може да биде и фејсбук заедница, или месна заедница.
Следна фаза би било да се подигне медиумски, тоа е ова сега што го работиме јас и ти.
Ги учиме студентите да почнат од урбана антропологија а да завршат со некој проектен менаџмент.
Трн: Како соработката со поединци како Филип Јовановски и Борис Бакал придонесува за вашите креативни и академски процеси? Како овие соработки влијаеја на вашиот пристап кон урбанистичките студии и уметничките интервенции?
Миодраг: Јас постојано учам од нив, се надевам и тие од мене, многу интересно е што секој од нас има различен поглед на работите, а има и неколку работи кои не спојуваат. Една од нив е потребата при читање на Градот да се види елементот на хумор, често ќе се насмееме на некоја глетка. Еве на пример погледнете го ова мини дрвце или грмушка, никој не знае како завршило тука, смешно е, како рецидив на некој простор кој претходно постоел на ова место. Сите доаѓаме од различни професии и тоа придонесува често да имаме продуктивно спротивставување на нашите мислења, што е нормално и потребно.
Трн: Вашата работа опфаќа различни дисциплини, од урбанистички студии до перформативно планирање и уметнички интервенции. Како овие разновидни полиња се вкрстуваат во вашите уметнички и теориски истражувања?
Миодраг: Јас сум инжињер архитект а воедно и уметник, овие две различни гледишта имаат сосема различна публика. Во архитектурата публиката е секогаш корисник, а корисникот е секогаш некоја анонимна личност која ќе ги користи придобивките, од уметност најмногу ја работам онаа социjално ангажирана уметност со луѓето, и преку истражување учам кои потреби ги имаат луѓето. Пред да почнам уметнички да се израувам секогаш размилувам кој би бил публика, а тој трансдисциплинарен пристап вклучува и политика, инфраструктура. Исто така често размлислувам зошто едно уметничко дело да се направи, за што служи, кому му служи, така да за време на процесот јас веќе размислувам какви последици ќе има, дали може да се продолжи, колку пари би требале, кој вид ресурси, имаме ли луѓе за тоа. Така што моите проекти изгледаат така некако, да речеме еве овој проект во Скопје почна пред пет години и се уште продолжува, значи не е е заклучено уметничко дело. Пред 5 години почнавме да работиме со Домче и воопшто со изгубеното модернсистичко наследство. Набљудувавме што би можело да бидат во иднина, тие бруталистички објекти, а тоа да не вклучува само реконструкција.
Трн: Настап во јавен простор: Дали би можеле да дадете увид во претстојниот настан „Перформанс во јавен простор“ на 18 ноември? Што може да очекуваат учесниците и публиката од овој настан, и како тој се поврзува со големата слика?
Миодраг: Публиката може да очекува да види еден момент во време до каде стигнале студентите со своите истражувања, како еден вид пресек во контуниран подолг процес. Публиката ќе види еден дел од процесот, може да очекува и да се подготви за интерактивна форма, публиката е составен дел и може да земе своја улога. Со ставање на жолтиот шлем, симболично стануваш нов лик или карактер отворен за критичко размислување. Стануваш попаметен граѓанин.
Трн: Како гледате вие на Скопје? Што најмногу ве предизвикува од Градот
Миодраг: Скопје е многу интересен град како урбана семиотика, богат е со контрасти, има многу слоеви и мене дури понекогаш знае да ме изненади иако имам силна културолошка поврзаност со него, и тоа со некои искривени кодови, пораки. Тука лежи еден проблем што сите тие слоеви се хаотични, имаме една нескладност и неконтуираност на историските епохи, како да секоја нова епоха сака да ја сокрие претходната и сега имаме барок единствено во центарот на градот, или крстот на Водно кои не се во духот на времето, туку се многу ретро и не резонираат со младите луѓе. Симболите на младите луѓе се некои аватари или нешто што посуптилно ги отсликува нивните верувања, желби и ставови. Младите луѓе бараат секогаш нови инфраструктури, кога и каде да комуницираат и тука се доста креативни.