Проектот што требаше да биде симбол на гордост, денес е сведоштво за лошо планирање и спроведување. Останува прашањето – дали и кога ќе се поправат грешките од минатото и колку скапо ќе не чинат?
Центарот на Скопје денес сведочи за брзината и леснотијата со кои биле изградени објектите, но и за очигледните пропусти кои не бараат експертско око за да се забележат, а „проголтаа“ речиси 700 милиони евра јавни пари, додека правдата сè уште не се соочи со одговорноста за ова дело. Во меѓувреме, очигледно е дека за многу објекти е потребна итна санација, пишува „Рацин.мк“.
„Целиот тој проект практично беше едно мало враќање неколку века наназад, да речеме тој барок или барокни фасади се карактеристични некаде за 16 -17 век во Италија па потоа се распространети низ цела Европа, а ние одлучивме во 21 век да го приемниме тој систем и нормално тие не се оригинални баркни фасади тоа е некаква емитицаија со некави материјали коишто се не така трајни, тогаш што се користеле биле каменот, мермерот, тулата и така натаму“,” вели за Рацин.мк проф.др Дарко Наков, Градежен Факултет Скопје и претседател на друштво на градежни конструктори на Македонија.
Тој вели дека не може да даде генерална оценка дали објектите од овој проект, вклучително и фасадите се сигурни, дали се стабилни или не, меѓутоа времето најчесто е најдобар доказ за тоа дали објектите биле изведени квалитетно или не.
„Ние веќе гледаме дека во минативе неколку години имавме паѓање на фасадите и практично она што не е изведено квалитетно и добро паѓа од објектите односно се одделува од нив. А можам да зборувам и за една фасада каде бевме ангажирани да направиме увид зошто при ветер од 70 километри на час буквално се одлепија плочите на фасада, токму од проектот на ‘Скопје 2014’” вели Наков.
Тој за Рацин.мк раскажа дека всушност тогаш ги забележале недостатоците кои биле при градбата и надзорот, а особено надзорот е тој што одредува дали реконструкцијата или изградбата на објектот е добра или не.
„На објектот требало да бидат поставени 12 прицврстувачи или типли на еден метар квадратен, а ние установивме дека биле поставени само пет на метар квадратен значи двојно помалку. Дополнително имаше различни вакви типли, со ознака и без ознака или безимен производител, а во принцип треба да се еднакви, но и нивната должина беше различна. Овој прицврстувач за фасадата треба да ви навлезе низ оној стиропор, па се става цементен лепак којшто ја лепи таа плоча стиропорна за фасадата, тоа е еден сантиметар, а прицврстувачот треба да навлезе во самата фасада, во блоковите од стиропор, да речам во ѕидот“, додава Наков.
Според професорот прицврстувачите не ја ни допирале фасадата, а камоли да ја држат цврсто.
„Тоа беше еден проблем, друг проблем беше тоа што не се почитувала препораката на производителот цементниот лепак да се нанесува по периметарот на самата стиропорна плоча и во средина воопшто, значи било ставено туку така на неколку места, а најголем проблем според мене беше кровот, значи практично во деталите, во недобро изведените детали ја установивме дека е причината зошто таа фасада падна, значи на крај кога завршува самата фасада на врвот на објектот имаше оставено отвор помеѓу стиропорните плочи и ѕидот. Не беше прекриена со лимена опшивка и тоа е место каде што проаѓа вода, доколку се отвори малку повеќе, како овде влегол и ветер и фасадата беше откорната, клими беа паднати долу, значи тоа е голем товар, ако ви падне врз вас сигурно ќе ве повреди, можеби и ќе ве усмрти, за среќа во тој случај имаше само материјална штета, односно автомобили беа оштетени, за среќа немало во тој момент луѓе долу“, појаснува професорот.
Тој потсетува дека и претходно но и изминатите неколку недели паѓаат фасади поради неквалитетната изведба и неквалитетното прицврстување за објектите.
„Во овие случаи се поставува прашањето чија е одговорноста, на крај се се сведува на тоа кој е одговорен, сега гледате во Нови Сад тоа е прашањето, кој е одговорен? И сега во случајот со овие фасади јас колку што знам тогаш Град Скопје инвестираше средства за да се обноват фасадите, нели да бидат енергетски ефикасни итн, меѓутоа, Град Скопје нема обврска да ги одржува фасадите и објектите, тоа се објекти на станари коишто живеат таму, на заедница на станари, така што практично заедницата на станари, ако се приватни објекти е таа којашто сега треба да се грижи за нивното одржување“, вели Наков.
За другите објекти пак, оној којшто управува со зградата, да речеме доколку е тоа некое министерство, значи министерството и Владата, односно државата има обврска да се грижи за тие објекти, значи да врши повремени прегледи и доколку утврди дека нешто не е во ред да преземе мерки за тоа да се санира.
Преземено од Рацин.мк