Дури и пред почетокот на емитувањето во кината на средината на јули, новиот филм за Барби направи бум на Балканот со вестите генерирани од маркетинг кампањата.
Твитот што ја отсликува популарноста на Барби наспроти Опенхајмер на Балканот од страна на косовската групација Kos_data која произведува визуелизации на податоци стана вирален, со над 4,5 милиони прегледи досега.
Како што е објаснето од турската верзија на британскиот весник Independent, Kos_data ги користела резултатите од пребарувањата на Google Trends за секоја земја од регионот.
Барби-манијата, исто така, вклучуваше и пример за трендот на дезинформација со ре-употреба на вести од странство како инспирација за креирање лажни вести насочени кон поттикнување меѓуетничка омраза во време на зголемени политички тензии меѓу Србија и Косово.
Откако Виетнам го забрани филмот за Барби поради контроверзната мапа која имаше геополитички импликации за некои, почнаа да се појавуваат фотошопирани балкански варијанти на сцената, тврдејќи дека филмот е забранет и во Србија.
Сервисот за проверка на факти vistinomer.mk ги разоткри виралните дезинформации во кои се користеше меме засновано на скриншот од филмскиот трејлер во кој се тврди дека мапата на Балканот во филмот го промовира националистичкиот концепт на Голема Албанија. Овој концепт подразбира албанско освојување и етничко чистење на делови од Грција, Северна Македонија, Косово, Србија и Црна Гора.
Додека самото меме е веројатно произведено како шега, многу луѓе во регионот реагираа на него многу сериозно, користејќи го како средство и изговор за говор на омраза. На пример, сите освен еден од 36-те споделувања и 27 коментари на објава на Фејсбук оценети како лажни од „Вистиномер“ содржат пцости и навреди кон Албанците, „сатанскиот“ Запад или САД и неговите сојузници. Во овој случај, владата на Северна Македонија е претставена како слаба која ги прифаќа западните диктати.
Некои десничарски пропагандисти кои навидум знаеја дека е лажно, исто така го споделија мемето со коментар дека не можат да потврдат дали е вистина, знаејќи дека сликата сепак ќе ја разгори нивната публика. Еден таков медиумски лик подоцна го отстрани твитот.
Лажните информации дека филмот за Барби е забранет во Србија ги обиколуваше социјалните мрежи и во Албанија, каде што беше разоткриен од сервисот за проверка на факти „Фактје“.
Коментарите на некои членови на албанската заедница на Фејсбук и на Твитер покажаа дека некои нејзини членови исто така го споделиле мемето, но со различни мотиви: како начин да промовираат националистички чувства или да го докажат своето негативно мислење за Србија како репресивна земја која користи цензура.
Всушност, филмот за Барби никогаш не бил цензуриран во Србија. Покрај тоа, на 25 јули, неговиот дистрибутер „Блиц филм“ го прогласи за филм со најголема заработка во српските кина од пандемијата на КОВИД-19. Во текот на првиот викенд на прикажување имаше 60.315 посетители во кината, со заработка од над 306.000 долари, што е многу за земја со 6 милиони граѓани.
Од друга страна, Музејот на Југославија од Белград се приклучи на дискусијата за Барби-манијата, потсетувајќи се на локалната верзија на куклата која беше популарна на крајот на 1980-тите.
Терминот „кукла Барби“ во неговата локална варијанта „барбика“ беше широко распространет низ поранешната федерација и се користеше не само за оригиналниот, увезен вид, туку и за какви било пластични кукли за облекување. Во 1970-тите и 1980-тите, поседувањето оригинална Барби се сметаше за многу важен дел од детството на малите девојчиња, дури играјќи улога на еден вид статусен симбол за семејството.
Серијата филмови „Ајде да се сакаме“ се состоеше од три музички комедии објавени помеѓу 1987 и 1990 година. Тие прикажуваа измислени авантури на регионалната фолк ѕвезда Лепа Брена, на начин кој потсетува на комедии на Елвис Присли. Овие популарни филмови вклучуваа неверојатен хумор во стилот на Луј де Фунес од некои од најпопуларните југословенски актери во тоа време, како Драгомир Бојаниќ и Бата Живојиновиќ.
Куклата Лепа Брена носи облека од видео спотот на песната „Hajde da se volimo“ во која таа и нејзиниот бенд парадираат низ Дубровник во квази шкотски костими. Спотот истовремено служел и како промоција на Јадранскиот брег. Во последниве години овие кукли беа барани како колекционерски предмети, а цените достигнаа до 123 долари на веб страниците за оналјн аукции.
Извор: Global Voices