Барби ја претстави првата кукла со тип 1 дијабетес

Компанијата Mattel го претстави новиот член на семејството Барби – првата кукла со тип 1 дијабетес, во рамки на својата заложба за инклузивност и поголема застапеност на различни здравствени состојби во играчките.

Новата кукла е дел од линијата „Barbie Fashionistas“ и е дизајнирана во соработка со непрофитната организација Breakthrough T1D. Таа носи континуиран монитор за гликоза (CGM) фиксиран со срцестo медицинско лепило во препознатливата „Барби розова“ боја и играчка телефон што прикажува апликација за следење на нивото на шеќер во крвта. На половината има прикачена и инсулинска пумпа, која е клучна за секојдневниот живот на луѓето со тип 1 дијабетес.

Куклата е облечена во сино-комплетче со точки, украсено со симболот за свесност за дијабетес – сино круг. Дополнително, таа носи пастелно сина чантичка за закуски или неопходни медицински помагала.

„Претставувањето на Барби со тип 1 дијабетес е значаен чекор во нашата посветеност кон инклузивност и застапеност,“ изјави Криста Бергер, потпретседателка на Barbie и глобална раководителка за кукли. „Барби влијае на детското разбирање на светот, и преку претставување на здравствени состојби како тип 1 дијабетес, им овозможуваме на децата да се препознаат во своите игри и приказни.“

Извршниот директор на Breakthrough T1D, Арон Џ. Ковалски, кој и самиот живее со тип 1 дијабетес, изјави: „Партнерството со Барби за нас е длабоко лично и многу значајно. Оваа кукла носи надеж и препознавање за многу семејства кои се соочуваат со истата состојба.“

Покрај оваа кукла, Barbie претставува и две нови кукли инспирирани од активистки за тип 1 дијабетес – фитнес-инструкторката Робин Арзон во САД и манекенката Лила Мос во Велика Британија. Двете се дијабетичарки и користат својата платформа за едукација и поддршка на младите со дијабетес.

„Откако ми дијагностицираа тип 1 дијабетес пред една деценија, мојата мисија е да ја подигнам свеста и да ја пренесам пораката дека знаењето е моќ – особено за младите“, изјави Арзон. „Чест е да имам Барби кукла која ја раскажува таа приказна.“

Лила Мос додаде: „Горда сум што можам да покажам дека да си различен е всушност многу кул. Да добијам кукла што изгледа како мене – со сите медицински помагала – е навистина посебно.“

Куклата Барби со тип 1 дијабетес е веќе достапна на официјалната веб-страница на Mattel и во продавниците ширум светот.

Извор: ABC News

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни