Банката на Англија (BoE) со тесно мнозинство одлучи да ја намали референтната каматна стапка за 25 базични поени, на 3,75 проценти. Пет члена на Комитетот за монетарна политика (MPC) гласаа за намалување, додека четворица гласаа за задржување на каматната стапка на сегашното ниво.
Така, каматните стапки беа намалени на најниско ниво за речиси три години, а креаторите на монетарната политика очекуваат дека оваа одлука ќе придонесе за стимулирање на економската активност.
Во образложението се наведува дека инфлацијата во Велика Британија паднала на 3,2 проценти на годишна основа во ноември, што претставува најниска вредност во последните осум месеци, додека растот на платите во приватниот сектор постепено се забавува.
Економијата на Велика Британија покажува знаци на забавување, а пазарот на трудот слабее, при што невработеноста се искачува на највисоко ниво за пет години. Бројот на отпуштања достигна највисоко ниво од 2013 година.
Според Банката на Англија, буџетот за фискалната 2026 година предвидува краткорочно зголемување на јавната потрошувачка и намалување на потрошувачката на домаќинствата, што би можело привремено да ја намали инфлацијата за околу 0,5 процентни поени. Сепак, на долг рок, се очекува зголемувањето на даноците да ја ограничи јавната потрошувачка.
MPC изјави дека идното олабавување на монетарната политика ќе зависи од понатамошниот развој на инфлацијата и состојбата на пазарот на трудот.
Од август 2024 година, Банката на Англија ги намали каматните стапки за вкупно 150 базични поени, но истакнува дека ќе пристапи кон овие мерки повнимателно во наредниот период, со цел да се зачува кредибилитетот и стабилноста на британската економија.