Убави вести доаѓаат од Националниот парк Шар Планина, каде со трап-камери се забележани две нови единки на балкански рис, со што вкупниот број на идентификувани рисови во паркот се зголеми на пет.
„Имаме нова радосна вест! На нашите трап-камери на територијата на паркот неодамна се регистрирани две нови единки од балкански рис“, пишува на Фејсбук објава од НП Шар Планина.
Балканскиот рис се смета за национален симбол на Македонија, но, за жал, спаѓа и во категоријата на загрозени животни.
Ова животно е ендемски вид на Југоисточен Балкан, а се претпоставува дека неговата популација брои околу 50 возрасни единки.
Во Македонија, балканскиот рис живее на неколку области, вклучувајќи го и Националниот парк Шар Планина.
Сега, пак, на официјалниот Фејсбук профил на паркот споделија навистина убави вести – бројот на идентификувани единки од балкански рис се зголемил од три на пет.
„Имаме нова радосна вест! На нашите трап-камери, на територијата на паркот, неодамна се регистрирани две нови единки од балкански рис.
Истите се забележани при вршење на редовен мониторинг, на делот од територијата кој административно припаѓа на Општина Врапчиште. Со ова, бројот на идентификувани единки од рис се зголемува од 3 на 5.
Двете единки се во добра здравствена состојба, што претставува показател за стабилизирање и закрепнување на популацијата на овој редок вид на Шар Планина.
Благодарение на заложбите на тимот на ЈУ Национален парк Шар Планина, бројот на дивите животни, а особено на рисот, е во пораст, што го потврдува позитивниот ефект од мерките за заштита на природата.
Продолжуваме посветено да се залагаме за заштита на дивиот свет и унапредување на екосистемите на Шар Планина!“ – пишува во објавата.
ИЗВОР: НП Шар Планина (Facebook)