Балкански цинизам: штит или пречка за јавна свест?

Балканецот е надалеку познат по својот цинизам. Драг му е како новороденче, можеби дури и повеќе. Попрво ќе се одрече од целата надеж на светот, симболизирана да речеме, во можен успех на некоја претприемничка идеја, отколку да се откаже од циничниот начин на толкување на реалноста. Тоа, на крајот на денот, не е ништо повеќе од толкување, но истовремено, доволно такви толкувања градат постепено базичен имунитет против слаткоречиви индивидуи и заблудничави идеи.

И покрај тоа што балканецот, како и секој друг човек на светот, знае да биде маѓепсан од големи идеи, *кхм* држави, цинизмот знае да биде корисен на овие простори за контролирање на мегаломанијата. Ако умееме да погледнеме доволно далеку на запад и сѐ до крај на исток, ќе видиме дека народите на најголемите сили, гледани однадвор, делуваат како да немаат развиено одбранбен механизам против мегаломанските зборови на своите владетели. Можеби тоа се должи на повремената можност во историјата, тие сили да дејствуваат мегаломански, па сегашните реторики успеваат да најдат поткрепа во националните мината.

Нејсе, народите не само на најголемите, туку и на нациите што се стремат да бидат перцепирани на сличен начин, изгледа дека се поподложни да бидат маѓепсувани од своите избрани и неизбрани претставници. Големи национални амбиции лесно произведуваат големи национални проблеми, па така стремежот кон таквите идеи станува фатален без запрашување на истиот.

Цинизмот, како орудие со кое може да се одржува здравата свест, излегува дека станува исто така сѐ покорисен со секоја помината година и со сѐ поголемото натрупување со нови БИТНИ информации. Современиот граѓанин, ако не знае како да го „вклучи“ својот цинизам тешко ќе може, меѓу другото, да одбере која е релевантната вест на денот за неговиот профил, карактер и личност.

Контролирањето на консумацијата на информации е значително помогната од здрав цинизам. Но што ако цинизмот нема крај? Како балканецот ќе успее да мрдне од истото општествено место после триесет години? Како може во такви услови да проникне некоја нова општествена, економска или културно-претприемничка идеја?

Авторот е политиколог и истражувач

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни