Интервју со Милош Милосављевиќ, уметник и декан на Факултетот за дизајн и мултимедија (АУЕ ФОН)

Балканска геометрија за културна симетрија

Циклусот на слики „Балканска геометрија“ науметникот и професорот Милош Милосављевиќ ја носи приказната за Балканот преку линии, форми и бои. Дваесет дела, создадени во последните пет години, зборуваат за историјата, културите и судирите што го обликуваат овој простор. Во фокусот на циклусот е ѕидот – симбол на поделби, граници и дезинтеграција, но и тивок сведок на вековни промени.

Скопје како инспирација: Од урбани асоцијации до Балканска геометрија

Милосављевиќ, кој долги години живее и твори во Скопје, вели дека македонската престолнина била клучен момент во неговиот творечки процес.

“Градот Скопје ми се виде како огромна инспирација, поради синтезата на различни култури што поминале низ него. Првично работев на циклусот ‘Урбани асоцијации’, каде архитектурата беше главен мотив. Но, со текот на времето ја оголив, и остана само ѕидот – како метафора за поделби, сепарации и процеси на дезинтеграција.”

Токму таа идеја станува основа на „Балканска геометрија“. Со комбинација на прецизни линии и слоевити обоени површини, Милосављевиќ создава дела што визуелно ја доловуваат сложената политичка и културна историја на Балканот.

Младите како двигател на промените

Покрај уметноста, Милосављевиќ работи и со студенти, сметајќи ја оваа улога за најблагородната што еден човек може да ја има.

“Во професурата нема привилегии, нема пари, но има нешто повредно – моментот кога ќе видите како млад уметник, во кој сте вложиле време и знаење, успева во тоа што го работи.”

Тој со голем ентузијазам зборува за енергијата на младите луѓе во Србија, Македонија и регионот, особено во контекст на протестите за правда и против корупцијата.

“Енергијата на младите е најсилна и најчиста. Верувам дека многу од нив влегуваат во борбата за подобро општество со искрена намера. Она што ме плаши е можноста за злоупотреба на таа енергија.”

Може ли уметноста да ги пробие ѕидовите што ги гради политиката?

Иако ѕидот доминира во неговите слики, Милосављевиќ верува дека уметноста ги надминува границите што политиката ги поставува.

“Единствената ‘федерална единица’ што ја преживеа Југославија е културата и уметноста. Без оглед на сите поделби, од културолошки аспект ние сѐ уште сме единствен пазар, и тоа е нешто на што треба да бидеме горди.”

„Балканска геометрија“ не е само циклус на слики – тоа е визуелна критика на ѕидовите што ги градиме околу себе, но и потсетник дека уметноста секогаш ќе наоѓа начин да ги надмине тие граници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни