Во организација на ЕСТ и Драган Јачимовиќ, под водство на искусниот водич Томислав Топаловиќ, експедицијата во Непал – која ја нарекуваме „југословенска“ поради потеклото на учесниците – собра 16 алпинисти од Балканот кои заедно тргнаа кон Хималаите со цел да го искачат врвот Island Peak на 6165 метри. Благодарение на искуството на Топаловиќ и посветеноста на секој член од тимот, оваа група успеа не само да ги надмине физичките и техничките предизвици туку и да изгради искрена поврзаност која остави длабок печат во животот на секој учесник.
Благодарение на Благица Владимировска, македонската планинарка која го искачи врвот на височина од 6156 метри, добивме непосреден увид во секој чекор од ова искачување и приказна за сплотеноста на оваа уникатна „југословенска“ експедиција, која ги обедини учесниците со нивните различни култури и искуства.
„Секој момент беше вистинска инспирација, затоа што ова беше повеќе од обично патување. Секој изоден чекор, секој поглед кон бескрајните врвови и секое издишување на тенкиот воздух носеше нова приказна. Најдлабок впечаток ми остави сплотеноста на тимот. Дојдовме од различни делови на Балканот, од различни култури, но сето тоа стана неважно. Ние бевме едно, пркосејќи на екстремните услови и надминувајќи ги границите – не само физички, туку и емоционални и духовни. Можноста да го фатам секој момент на камера, беше навистина уникатно искуство. Со секоја фотографија, се обидував да го пренесам не само патувањето, туку и духот на оваа исклучителна заедница.“, изјави Благица.
Приказната за непалската авантура
Слетувањето на аеродромот во Лукла, еден од најопасните аеродроми во светот, беше почетокот на оваа храбра авантура, а со топлиот пречек во Катманду на крајот од патувањето, на сите им се заокружи приказната. За време на патувањето, 16-члениот тим минуваше низ густите предели на Хималаите, спиејќи во мали хостели и постојано изложен на природните убавини – водопади, мостови и карпи со молитви изгравирани од локалните жители. При искачувањето кон базниот камп, учесниците вежбаа качувачки техники и самостојно спуштање (абзел), подготвувајќи се за техничкиот предизвик на врвот на 6165 метри.
„Со доаѓањето на секоја нова група на турата, секогаш се создаваат нови врски, нови правила и нови искуства. Во досегашното искуство како водич, успехот на една тура, акција или експедиција го ценам не само според објективните тешкотии туку и според субјективните фактори што играат огромна улога во остварувањето на целта. Секоја цел е достапна – само е прашање по која цена? На оваа експедиција, имав среќа да водам луѓе кои беа посветени, подготвени за поддршка и со споделени цели. Токму таа посветеност и взаемната доверба се основата на секој успех.
Мора да кажам дека ова беше една од највпечатливите ‘Балкански торти’ што сум ја видел – исполнета со личности со различни искуства, сите поврзани во една совршена хармонија. Секој од нас придонесе со своите специфични зачинети ‘мириси’ кои се споени, за да создадат извонредно единство. Оваа група дишеше како едно, размислуваше, се смееше и се грижеше како една целина и на крајот, заедно ја достигна својата цел. Се вративме со целосно ново животно искуство, а особено сум горд што како водич научив нешто од секој од овие луѓе. И најважно, потврди се она што го верував – дека добрата идеја и добрата цел ги обединуваат луѓето.“ изјави за Трн, водичот на експедицијата, Томислав Топаловиќ.
На патот низ Намче Базар, оддалеченото гратче кое претставува центар на многу патеки низ Хималаите, групата беше сведок на статуа посветена на Пемба Дома, првата Непалка која го искачи Еверест. Симбол на посветеноста на жените, оваа статуа инспирираше многу од учесниците, особено жените кои се соочуваат со сопствените предизвици во балканските средини.
Искачувањето до последниот врв траеше 16 часа. Во текот на целото патување, низ 16 часовен непрекинат марш по стрмен и технички терен и со намален кислород во воздухот, од 5100 до 6165 метри, ги придружуваа пет искусни шерпаси, од кои главниот Агами седум пати го има искачено Еверест. Иако спуштањето беше потешко, духот и упорноста на тимот беа непоколебливи.
Експедицијата заврши со топол пречек на аеродромот во Катманду, каде локалниот водич Риши Сапкота ги поздрави сите членови, носејќи ги во градот каде што се одржа завршната прослава. Планинарската асоцијација на Непал им додели сертификати за успешно искачување, а домаќините организираа прощална вечер, која заврши со изненадувачка торта во чест на храбрите планинари.
Овој неверојатен подвиг во кој учествуваа 8 жени и 8 мажи, сите со потекло од Балканот, беше повеќе од само алпинистичка авантура – имаше и длабока хумана димензија. Душица од Србија собра средства за деца од детско село, а со подигање на знамето на здружението „Раст“ се подигна и свеста за лица со хормонални нарушувања. „Секој од нас понесе и по неколку кеси ѓубре, што го собравме низ Хималаите, за да ја зачуваме планината чиста“ , потенцира Благица.
На патот низ импресивниот Хималајски предел, минувале преку разни мостови, извори и водопади, а околу нив секогаш беа видливи најмаркантните врвови како што е врвот Ама Даблам со своите 6812 метри. Гратчето Намче Базар им остави длабок впечаток не само како туристички центар туку и како место со моќна историја. Токму во неговиот центар, покрај шарените молитвени знамиња и изрезбаните молитви на карпите, стои статуа на првата Непалка што го искачи Еверест од северна страна, Пемба Дома.
„Хималаите се најголемиот планински венец во светот, кој отсекогаш сум сакала да го видам. Тие навистина се посебни и будат восхит. Самото поминување низ нив не е лесно, но има многу туристи и планинари кои доаѓаат од различни делови на светот. Посебен впечаток ми остави начинот на живот на луѓето таму, посебно на носачите, и односот на туристите кои го консумираат сето тоа.Врвот беше релативно тежок, поради висината и должината на искачувањето, но шерпите го обезбедија сето потребно, па технички беше полесно отколку што очекував, иако физички беше понапорно. Посебна убавина почувствував во завршницата на гребенот. На искачувањето имаше различни видови луѓе, планинари со различни интереси, но сите добро се сложувавме, особено на висина, и делувавме како тим. Посебно ќе ги носам во срцето пределите и луѓето од Хималаите и се надевам на повторна средба со нив“, изјави планинарката Хасна Смјечанин од Босна и Херцеговина, дел од оваа експедиција.
Искуството со оваа група беше вистинска Балканска приказна – секој член даде свој придонес, создавајќи хармонија, љубов и поддршка во екстремните услови. Водичот на групата, Томислав Топаловиќ, го опиша моментот кога секој од нас, иако претходно речиси непознати, функционираше како совршено подмачкан механизам. Долгогодишното негово искуство го научило дека успехот на една експедиција зависи не само од физичките предизвици туку и од оние суптилни врски што се создаваат меѓу луѓето.