Балканскиот медиумски камион (Balkan News Truck) денес пристигна во Скопје, каде што ќе им понуди на граѓаните интерактивна програма посветена на медиумската писменост и критичкото размислување. Настаните ќе се одржат на 13 ноември (четврток) од 11 до 15 часот на паркингот пред Општина Центар, и на 14 ноември (петок) во NOVA International School Skopje, од 9 до 15 часот.
Овој патувачки медиумски центар, кој е дел од предпрограмата на Деновите на медиумска писменост (17–24 ноември 2025), претставува иновативна платформа што ја истражува улогата на вестите, сликите и информациите во современото општество.
На секоја станица од својата турнеја, камионот ќе биде поставен на централни јавни простори, нудејќи проекции, квизови и разговори за тоа како се создаваат и споделуваат информациите, како се препознаваат дезинформациите и како граѓаните можат да развијат критички однос кон медиумите.
Програмата вклучува: квиз за препознавање дезинформации, интерактивна игра што открива како настануваат лажните вести, работилница за медиумски навики и критичко размислување и панел-дискусија со експерти и новинари.
Фацилитатори и говорници на настанот се: Деспина Ковачевска – медиа мониторинг специјалист, Фондација Метаморфозис, Марио Спасевски – новинар, Мета.мк, Владимир Петрески – главен и одговорен уредник на Вистиномер.мк, како и Матеј Тројачанец – проверувач на факти, истражувач и новинар, Вистиномер.мк.
Од септември до ноември 2025 година, Balkan News Truck патува низ шест земји од Западен Балкан — Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Србија — посетувајќи 20 градови. Во Северна Македонија, камионот гостува во Битола, Гостивар, Штип и Скопје, со цел да го зајакне младинскиот отпор кон дезинформации и манипулации.
Балканскиот медиумски камион е иницијатива на CFI – Француската агенција за развој на медиуми, реализирана во партнерство со Фондацијата Метаморфозис, а со поддршка од Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, во рамки на проектот Shared Horizons.
