Балетско студио „Ребис“ 33 години храм на танцот

Балетското студио „Ребис“ со гордост ја одбележува својата 33-годишнина во негувањето на танцовата уметност во Македонија.

Основано од визионерката Гордана Деан Поп Христова, студиото стана темел на танцовата сцена, создавајќи генерации успешни танчери. Денес, под водство на Леона Танасковска Јакимовска, „Ребис“ продолжува со истата страст и посветеност, нудејќи програми за сите возрасти – од најмалите балерини до професионални танчери. Со учество на бројни престижни настани и натпревари, студиото го потврдува својот статус како лидер во танцовата уметност.

Кон крајот на минатата година, Сојузот на стопански комори додели признание „Македонски квалитет“ на Балетското студио Ребис. Проектот „Генерација  Z“ кој го обележа крајот на минатата 2023/2024г. сезона во Балетското студио Ребис беше поддржан од Сојузот на стопанската комора, со чија помош се реализираше. Кореодрамата беше од едукативен карактер, обработувајќи теми од секојдневнието и брзиот начин на живот во 21-иот век, како детството, социјалниот живот, процесите на раст и развој на секоја индивидуа, успесите и падовите низ кои сите поминуваме, психологијата, потрагата по сопственото „јас“, последиците од пандемијата на корона вирусот и патот кон зрела и изградена личност.

„Значи од првиот момент кога влегов во балетско студио „Ребис“, тоа беше на мои четири години, за мене сонот беше јас да бидам во улога на инструктор и мислам дека целиот мој процес и целиот мој живот, што беше посветен во „Ребис“ имав само една идеја а тоа е да застанам и да имам своја група и ќе ги водам исто онака како што мене ме воделе моите инструктори“, изјави за Трн Леона, долгогодишна членка на студиото, која носи свежа перспектива и посветеност кон танцовата уметност.

Ребис останува посветено на висококвалитетно образование во областа на танцот, инспирирајќи ја заедницата на танчери и пренесувајќи ја долгогодишната традиција на извонредност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни