Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ повторно на сцената на НОБ – современа интерпретација на класичната трагедија за страста и слободата

На 21 ноември Националната опера и балет ќе го изведе балетот во два чина инспириран од безвременскиот роман на Флобер, во кореографија на Виктор Ишчук и под диригентство на Едуард Амбарцумјан.

Националната опера и балет ја најавува новата изведба на балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, што ќе се одржи на 21 ноември со почеток во 20:00 часот. Балетот е поставен во два чина и претставува современа сценска интерпретација на романот на Гистав Флобер – дело кое веќе повеќе од еден век го истражува судирот меѓу личните копнежи и општествените ограничувања.

Прочитот на оваа балетска адаптација го води кореографот Виктор Ишчук од Украина, кој преку прецизен, суптилен и емотивно набиен современ израз го доловува духот на 19 век и комплексноста на Ема Бовари – жена распната меѓу страста, желбата за слобода и товарот на моралните норми. За музичкиот дел, делата на Сен-Санс, Равел, Масне, Менделсон и Хендл создаваат богата звучна подлога која го засилува драмскиот интензитет на приказната.

Гостин-диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, сценографијата и костимографијата ги потпишуваат Андреј Злобин и Гана Ипатиева, светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист – Андреја Наунов, а проект-менаџер е Киро Павлов.

Во главната улога ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска како Ема Бовари, со Франциско Хименез Руиз во улогата на Шарл Бовари и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже. На сцената ќе им се придружат солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Госпоѓа Бовари“ ја оживува длабоката психологија на ликот преку комбинација од балет, музика и визуелен театар. Секоја сцена е внимателно изградена за да ја прикаже внатрешната борба на Ема – жената која се обидува да избега од тесните општествени рамки, барајќи живот исполнет со страст, смисла и автономија. Динамичната кореографија, силниот визуелен идентитет и емотивната интерпретација создаваат спектакл кој ветува незаборавно сценско доживување за публиката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни