„Баланс“ прослави 25 години: Приказна за звукот, визијата и урбаната душа на македонската електронска сцена
Со енергична прослава на 15 јули во скопското кафуле „Излет“, „Баланс“, првата и највлијателна промотерска куќа за електронска музика во Македонија, го одбележа својот 25-годишен јубилеј. Настанот, кој привлече генерации фанови и уметници, беше многу повеќе од обична журка – беше симболично патување низ историјата на домашната андерграунд сцена.
„Баланс“ е основан во 2000 година, спонтано, од неколкумина ентузијасти со длабока љубов кон електронската музика и култура. Со години тие успеваа да донесат врвни имиња од светската сцена, да креираат фестивали, концептуални настани и уникатни урбани искуства кои оставија белег врз македонската културна мапа.
Оги Узуновски, еден од основачите, вели:
„За мене ‘Баланс’ отсекогаш бил нешто повеќе од журка. Тоа е визија, енергија, заедница, еден посебен начин на живеење. Верувам дека сè почнува од внатрешен баланс – ако го постигнеш тој баланс на умот, си постигнал сè. Сè друго доаѓа природно.“
Оги Узуновски
Узуновски истакна дека во изминативе 25 години се гордеат со голем број настани, но особено се сеќава на гостувањата на Дерик Меј, кој, како што вели, бил тука повеќе од 20 пати и оставил силен впечаток кај македонската публика.
„Тоа беа журки за паметење. Атмосферата, музиката, луѓето – сè беше пореално, посуштинско. Немаше социјални мрежи и камери, ама имаше енергија која не се повторува“, додава тој.
Како еден од посебните успеси на „Баланс“, Узуновски го издвојува и преводот на книгата „Електрошок“ од Лоран Гарние, која според него е основно четиво за сите што сакаат да ја разберат електронската музика и нејзините културни корени.
Самоил Радински
На почетоците се потсетува и Самоил Радински, кој вели дека клучниот момент биле првите собирања со пријателите, кога пуштале музика дома кај него:
„Сè започна многу природно. Се собиравме кај мене, слушавме музика која никој друг не ја пушташе тогаш. Тоа беше основата. Самиот ‘Баланс’ се формираше органски од таа страст.“
Радински се осврна и на денешната состојба на сцената:
„За жал, денес речиси и да нема ноќен живот во Скопје. По сите трагедии и тензии, многу нешта згаснаа. Но ние мора да го чуваме тоа наследство и да го предадеме понатаму.“
Тој ги посочи и доаѓањата на легендите како Кевин Сандерсон, Кени Ларкин, Хал Грек и секако, повторно, Дерик Меј, како дел од врвните достигнувања на „Баланс“.
„Бевме меѓу првите во Европа што ги донесовме. Не беше само промоција – тоа беше културна мисија.“
Стојче Цветановски се наврати на првата журка на „Баланс“ на Градиште, кога тој и Оги сами лепеле плакати по улиците за да привлечат публика:
Стојче Цветановски
„Тоа беше ентузијазам во најчист облик. Од таа енергија почна сè – и еве не после 25 години, пак сме тука.“
Маци Стојановиќ ја потенцираше таа урбана енергија и младешки дух кои никогаш не ја напуштиле оваа платформа:
„‘Баланс’ е духот на генерации, платформа која не беше само музичка туку и културна. Тоа беше место каде што се растеше, се учеше и се споделуваше.“
Марјан Стојановиќ – Маци
Денес, по четврт век активна работа, „Баланс“ е повеќе од музичка приказна. Тоа е хроника на едно движење, на генерации кои ја граделе и чувале електронската култура кај нас. Видеото објавено на YouTube нуди дел од таа атмосфера, разговори со основачите, диџеите и фановите, и сведочење за едно време кое оставило длабок белег врз македонската урбана сцена.