Во рамки на Balkan Film Market, вчера се одржа Balkan Pitch сесијата, на која филмскиот проект „Балада за лонецот и капакот“ беше награден со признанието BEST PITCH, како и со финансиска поддршка за копродукција од Албанскиот национален кинематографски центар.
Филмот е во режија на Вардан Тозија, а продуцентка е Ивана Шекуткоска. Проектот е веќе поддржан од Агенција за филм на првиот рок од конкурсот за 2025 година и во моментов се наоѓа во фаза на предпродукција.
Признанието на Balkan Pitch сесијата претставува значаен чекор за понатамошен развој на проектот, особено во контекст на регионалната копродукциска соработка, која сè повеќе се наметнува како клучен модел за одржлив развој на филмската индустрија на Балканот.
На истиот настан се претстави и режисерката Ана Опачиќ, која го презентираше својот иден филмски проект Трета смена, исто така поддржан од Агенцијата за филм. Нејзиното учество дополнително го нагласи интересот за нови авторски гласови и теми кои се развиваат во рамки на регионалната кинематографија.
Balkan Film Market се профилира како значајна регионална платформа за развој, пичинг и копродукција на филмски проекти. Настанот ги поврзува филмските професионалци, продуценти, режисери и институции од Балканот и пошироко, со јасна цел – зајакнување на регионалната соработка и унапредување на балканската кинематографија преку размена на идеи, ресурси и партнерства.
Во контекст на сè поконкурентната европска филмска сцена, ваквите платформи играат клучна улога во отворањето можности за авторите од регионот, овозможувајќи им поголема видливост, финансиска поддршка и пристап до меѓународни копродукциски мрежи.