Балада за Југомексиканците

Фасцинантна приказна за потеклото, развојот, процутот… и пропаста на југословенскиот бенд „Маријачи“ во 50-тите и 60-тите години на минатиот век Во поранешна СФРЈ, мексиканските филмови едно време ги соборија сите рекорди на гледаност, а од Вардар до Триглав изникнаа бендови инспирирани од мексиканската и латиноамериканската музика и продадоа стотици илјади плочи.

Како сето тоа започна?

Југославија излезе од Втората светска војна како членка на источноевропскиот блок и како една од полојалните и попосветените на Сталин. Руските филмови и музика беа сеприсутни и популарни.

Работите целосно се сменија во 1948 година кога Тито му рече „не“ на Сталин, одбивајќи да дојде во Москва на негова покана. Сталин го обвини Тито дека е западен шпион, ја исклучи Југославија од источноевропскиот блок и ја изолираше.

Преку ноќ во Југославија беа забранети сите руски филмови и музика, а се појави уште еден голем проблем – чии филмови сега ќе гледа народот?

Легендата вели дека спасоносно решение нашол блискиот соработник на Тито Моша Пијаде, кој студирал во Франција пред Втората светска војна, каде што стапил во контакт со мексиканската кинематографија. На Моша му светнала дека наместо руски, кои беа неприфатливи и американски, кои „беа опасни“, на југословенската публика и беа прикажани МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ!

Мексиканската кинематографија од тие години беше шарена и богата, проткаена со револуционерни теми, па блиска до југословенските народи кои неодамна излегоа од големата војна. Филмовите прикажуваа сиромашни, но чесни Мексиканци кои се борат со негативци. Совршено!

Мама Хуанита

Во 1950 година во Мексико беше снимен „Еден ден во животот“ (Un dia da vida), филм кој по само една недела прикажување насекаде во светот беше отстранет од репертоарот и набрзо падна во заборав… Освен во Југославија каде што доживеа неверојатна популарност!

Само во Загреб овој филм беше на репертоарот цели 248 дена по ред пред распродадените кина!

Филмот зборува за двајца пријатели, од кои едниот е осуден на смрт со стрелање затоа што не сакал да пука во луѓе. Го моли својот пријател офицер да му даде уште еден ден живот за да може со песна да и го честита роденденот на мајка си Хуанита. Таа сцена ја расплака цела Југославија!

Трогателната сцена е придружена со песната „Las mananitas“, која подоцна беше испеана на наш јазик во две верзии. Првата е „Мама Хуанита“, а втората „Jedan dan života“ која сите наши пејачи се уште ја имаат на својата листа на најизведувани песни, а најпозната е изведбата на Миша Ковач.

Таа песна и филм имаа неверојатно влијание врз популаризацијата на мексиканската музика и култура во Југославија и создавањето на таканаречениот музички жанр Ју-Мекс.

Мексикоманија!

Вистинска „Мексикоманија“ владееше меѓу народот, а југословенските пејачи одеа во кино да гледаат мексикански филмови, ја слушаа нивната музика и самите почнаа да пишуваат на шпански, онака како што го слушаа. Дури си правеле мексиканска облека и сомбреро!

Најпопуларни изведувачи на Ју-Мекс беа Цуне Гојковиќ, Милиќ Љубомир и Палома, триото TiViDi и многу други, иако главни ѕвезди беа Црногорците Славко Перовиќ и Никола Каровиќ.

Во документарниот филм „ЈуМекс, југословенско Мексико (2013)“ на словенечкиот режисер Миха Мацини, Никола Каровиќ раскажува како во 1950 година морал неколку пати да го гледа „Џедан дан живота“ за да ги научи текстовите и акордите. А, кога за првпат пред публика ја отсвири „Маму Хуанита“, сите, особено девојките едноставно „полудеа“!

Караовиќ подоцна бил забележан од Тито, па наскоро овој човек од Никшиќ ќе му стане личен забавувач на Тито. Каровиќ пеел за Тито 102 пати, како и за 61 светски државник, поради што е запишан во Гинисовата книга на рекорди. Тој пееше и на приемот на мексиканскиот претседател Адолфо Лопез Метеос.

Најголем „ривал“ му беше Славко Перовиќ, кој во 60-тите објави големи хитови како „Чаша горчливи солзи“, „Песна за мајка ми“, „Дивна Гвадалахара“, „Кога ќе ја слушнеш трубата“, „Мое Мексико “ и секако „Мама Хуанита“.

Некои од плочите на Перовиќ се продадени и до 300.000 примероци, можеби повеќе отколку што имало грамофони во СФРЈ во раните 60-ти години, што значи дека повеќето слушатели ги купиле за „некои подобри денови“!

Продукцијата на Ју-Мекс се прошири до незамисливи размери, а во исто време ги вклучи и реномирани поп пејачи како Иво Робиќ и, од друга страна, ликови како Љубомир Милиќ, водачот на ансамблот Палома.

Сè доаѓа до крајот…

Кон крајот на 1960-тите, југомексиканската музика ја „убива“ музиката од западот, младите почнаа да се свртуваат кон рокенролот, Битлси, Стоунс… Повозрасните луѓе некое време останаа верни на нивните Мексиканци („…што ќе ни направи ова „ѓубре“ од Запад“), па настана еден вид судир на генерации, што, според некои толкувања, беше првиот сигнал дека Југославија ќе се распадне.

Западната музика сепак победи, а фасцинацијата со мексиканската музика сè уште не беше целосно исцрпена. Тоа го докажаа, на пример, во 80-тите Томислав Ивчиќ и Младен Грдовиќ, кои како Дуо Пегла имаа голем хит „Mi imamos mnogos problemos“.

Конечно, да го кажеме ова – НИКОЈ од главните артисти од жанрот Ју-Мекс НИКОГАШ не стапнал во Мексико!

АДИОС АМИГОС…

Извор: https://mondo.rs/Zabava/Muzika/a976588/Meksicka-muzika-i-filmovi-kako-su-postali-popularni-u-Jugoslaviji.html

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни