Тим од Универзитетот во Единбург, предводен од професорот по хемиска биотехнологија Стивен Валас, успеа да ја генетски модифицира бактеријата за да јаде соединение добиено од отпадна пластика и да го претвора во парацетамол – еден од најчесто користените аналгетици во светот.
Од пластика до лекови
Е. coli е добро позната по својата улога во медицината и науката – дел од нејзините соеви предизвикуваат болести, но други, непатогени, се користат како „работни коњи“ во лабораториите. Проф. Валас веќе ја користи оваа бактерија за да произведува арома на ванила од пластика и парфем од остатоци во канализациите.
„Ако сакате да докажете дека нешто е можно со биологија, Е. coli е природниот прв избор,“ вели Валас.
Во индустријата, милијарди генетски модифицирани Е. coli веќе се користат како живи фабрики за производство на инсулин, горива, растворувачи и други хемикалии.
Зошто токму Е. coli?
Нејзината доминација се должи на тоа што повеќе од еден век служи како модел-организам за биолошки истражувања. Откриена во 1885 година, Е. coli е лесна за работа, брзо расте и лесно се модифицира. Во 1940-тите, преку неа беше откриено дека бактериите можат да разменуваат гени, што беше пресвртна точка во молекуларната биологија.
Во 1970-тите, таа стана првиот организам во кој е вметната туѓа ДНК – основа за современата генетска инженеринг. Благодарение на Е. coli, во 1978 година беше произведен и првиот синтетички човечки инсулин.
„Колку повеќе работам со различни микроорганизми, толку повеќе ја ценам робустноста на Е. coli,“ вели професорот Адам Фајст од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.
Но дали постојат подобри алтернативи?
И покрај огромниот успех, дел од научниците предупредуваат дека прекумерната зависност од Е. coli може да го ограничува напредокот. Микробиологот Пол Џенсен од Универзитетот во Мичиген смета дека во природата можеби постојат бактерии што уште поефикасно можат да разградуваат отпад, па дури и да создаваат материјали кои денес не можеме ни да ги замислиме.
Една таква алтернатива е Vibrio natriegens – микроорганизам со двојно побрз раст од Е. coli, кој може да внесе и обработи големи количини туѓа ДНК. Според истражувачите, тој би можел да игра клучна улога во решавањето на идните еколошки и енергетски предизвици, како создавање биогорива од јаглерод диоксид или рударење на ретки метали.
Сепак, засега алатките за масовна примена на V. natriegens се уште не се доволно развиени. „Е. coli е тешко да се замени,“ признава проф. Фајст.
Бактериите како партнери за одржлива иднина
Експериментот на Универзитетот во Единбург со претворање на отпадна пластика во парацетамол ја покажува огромната моќ на синтетичката биологија. Дали ќе се потпреме на докажаната Е. coli или ќе најдеме нови микроорганизми – останува прашање за иднината. Но едно е сигурно: бактериите веќе не се гледаат само како непријатели, туку и како потенцијални сојузници во создавањето на почиста и поздравa планета.
Извор: BBC