Хартија, пенкало и четири децении хитови: вечер со Бајага и Владо Јаневски

Иако датумот асоцира на љубов и романтика, заедничкиот концерт на Бајага и Владо Јаневски во арената „Борис Трајковски“ ќе биде четиричасовна хит-парада, а не само вечер на балади.

Бајага и Владо Јаневски, двајца од највлијателните автори и изведувачи во македонската и регионалната музичка сцена, ќе застанат заедно на сцена на 14 февруари во Скопје, на концерт кој организаторот „Авалон“ го најавува како музички настан што ретко се случува. Повеќе од четири часа, публиката ќе слуша исклучиво песни што го одбележале нивниот опус – од најраните хитови до новите композиции.

На денешната прес-конференција беше истакнато дека, иако концертот се одржува на Денот на вљубените, програмата нема да биде ограничена само на балади. Напротив, вечерта е замислена како ретроспектива на целокупната кариера на двајцата автори, со динамична листа што ќе ги опфати сите фази од нивното творештво.

Првиот човек на „Авалон“, Бобан Милошески, информираше дека половина од капацитетот на арената „Борис Трајковски“ веќе е распродаден и дека интересот ја потврдува тежината на настанот. Тој појасни дека концертот на Бајага бил договорен уште пред една година, а дека одложениот концерт на Владо Јаневски од декември 2024 година логично се надоврзал во една заедничка концертна приказна.

И Бајага и Јаневски истакнаа дека без двоумење ја прифатиле идејата, нагласувајќи дека меѓусебната почит и респект биле клучни за ваквата соработка. Концертот ќе започне со настапот на Владо Јаневски и неговиот бенд, по што следува Бајага со „Инструктори“.

На прашањето дали публиката може да очекува заеднички настап на иста песна, Јаневски посочи дека сè уште нема конечен договор, иако постои силна авторска врска меѓу нив уште од неговите почетоци како самостоен изведувач.

Бајага, пак, со доза хумор се наврати на својата долга врска со македонската публика, посочувајќи дека низ кариерата настапувал во Скопје „многу пати“, со шега дека сто пати можеби се премногу, а педесет премалку, но дека секогаш со особена емоција се сеќава на своите први гостувања во Македонија.

Двајцата музичари нагласија и дека, и во време на вештачка интелигенција, песните и понатаму ги создаваат на нивниот добро познат начин, на хартија и со пенкало, верувајќи дека искрената емоција и личниот потпис не можат да се автоматизираат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни