Багетот се соочува со неизвесна иднина: Зошто Французите сѐ поретко го избираат својот најпознат леб?

Кога багетот во 2022 година официјално беше впишан на списокот на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО, француската делегација во Париз свечено ги крена долгите, крцкави векни – симболичен момент што го обиколи светот.

Претседателот Емануел Макрон тогаш го опиша како „250 грама магија и совршенство во секојдневниот живот“.

Но, и покрај престижното признание, оваа култна векна се соочува со пад на популарноста каков што Франција одамна не видела. Во француските гастро-медиуми се појавуваат дури и драматични прашања: „Дали лебот ќе исчезне од француските трпези?“

Историјата покажува колку се промениле навиките. По Втората светска војна, Французите јаделе околу 700 грама леб дневно по човек. До 2015 година таа бројка падна на 115 грама, а денес – на околу 100 грама по лице, што е нешто помалку од половина багет дневно.

Истражување од 2023 година на Националната конфедерација на француските пекари и слаткари открива дека повеќе од една третина од Французите го намалиле консумирањето леб во последните пет години.

Стручњаците велат дека причините се многубројни: променети навики во исхраната, помалку готвење дома, пораст на брзата храна, но и појава на „нео-пекари“ – нова генерација што произведува помалку багети, а понекогаш и воопшто ги нема во понудата.

Претседателот на CNBPF, Доминик Анракт, предупредува дека младите „ја губат навиката секојдневно да купуваат багет“, нешто што порано било автоматско како миењето заби.

Традиционално, багетот бил незаменлив дел од секој оброк – од утринските тартин со путер и џем, до попладневни сендвичи и вечери со класични француски јадења со сос, кој се јаде со лебот – чин кој Французите го нарекуваат saucer. Но, денешните млади поретко готват дома и почесто јадат надвор, што ја намалува потребата од секојдневна набавка на леб.

Покрај тоа, во последните години расте популарноста на „нео-пекарите“ кои работат со стари сорти житарки, органско брашно, долг процес на ферментација и нудат големи, квалитетни, ароматични лебови наместо класичниот багет.

Еден пример е пекарата „Sais Hier Trente“ во градот Рен, која стана тема во медиумите затоа што не продава багети. Сопственичката Марион Жијел објаснува дека багетот е производ што бара многу енергија, брзо се суши и има мала нутритивна вредност, што доведува до голема количина фрлена храна.

Нејзината пекара наместо тоа нуди големи, тешки лебови од кисело тесто и интегрални смеси, правени од локално органско брашно. Овие лебови подолго остануваат свежи, подобро се варат и – како што вели таа – едноставно имаат подобар вкус.

Сепак, не секој Французин е подготвен да прифати пекара без багет. Жијел се сеќава на еден купувач кој толку се налутил што морала да го замоли да ја напушти продавницата. „Французите очекуваат дека пекарата ќе има багети. За многумина тоа е незамисливо“, признава таа.

Иако багетот останува еден од најголемите симболи на француската култура, неговата иднина изгледа посложена од романтичните слики на деца што трчаат со векната под мишка. Франција може да го чува неговото занаетчиско знаење како културно богатство, но навиките на модерното општество покажуваат дека ни најсаканите традиции не се имуни на промените.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни