Baby Lasagna: Овој пат ќе биде уште подобро

На 7 септември, Големиот градски парк во Струмица ќе биде центарот на музичката енергија, каде што на настанот Get EXITed ќе настапи хрватската музичка сензација Baby Lasagna. По огромниот успех на Евросонг и настапите низ Европа, тој повторно доаѓа во Македонија, подготвен да испорача експлозивен перформанс. Во ексклузивно интервју за Трн, тој зборува за својата европска турнеја, музичките влијанија, идните проекти и љубовта кон публиката во регионот. Програмата на GetExited започнува во 20:00 часот, а портите се отвораат во 19:15. Влезот е бесплатен

Трн: Марко, утре (7 септември) настапуваш на Get EXITed настанот во Големиот градски парк во Струмица. Дали си возбуден што се враќаш на уште еден голем настап во Македонија?

Baby Lasagna: Секако! Последниот пат во Македонија беше одлично, а мислам дека овој пат може да биде уште подобро – со оглед на тоа дека и ние се подобривме во разни аспекти. Првиот пат и публиката нè оценуваше нас, и ние неа, но на крајот сè помина добро, па мислам дека овој пат ќе биде уште подобро. Минатиот пат храната беше одлична и искрено најмногу се радувам на тој дел.

Трн: Евросонг ти ги отвори вратите кон европска турнеја – нешто што ретко кому од изведувачите од регионот му успева. Кои емоции и искуства ги носиш од големите европски сцени, а каква е поврзаноста со публиката на настапите во регионот?

Baby Lasagna: Музиката е таа што ни дозволува разни прошетки низ Европа. Со оглед на тоа дека времето ја покажува вистинската вредност, не сум сигурен дали тоа уште би го нарекол успех. Ако успееме да издржиме подолго време на тие сцени и навистина си го најдеме местото во европската музичка индустрија, тогаш ќе можам да си препишам заслуги. До тогаш – „главата долу и работи“. Сепак, среќен сум и благодарен за тоа што досега е постигнато, и знам дека малиот Марко би бил горд и среќен.

Трн: Повеќепати си спомнал дека Rammstein имале огромно влијание врз твојот музички пат – дали успеа да присуствуваш на некој од нивните концерти од европската турнеја 2024?

Baby Lasagna: Со неверојатната поддршка од фан клубот LIFAD Croatia успеав да добијам билети, па дури и backstage пропусници за да ги запознаам Rammstein. За жал, не успеав да присуствувам на концертот, но затоа отиде мојот брат, на кого со задоволство му ја дадов влезницата. Тој е исто толку голем фан, а досега не бил на нивен концерт, додека јас сум бил безброј пати. Rammstein ме обликуваа музички како текстописец и се навистина неопходен зачин во нашите песни.

Трн: Кој во моментов има најголемо влијание врз твојот уметнички идентитет и, гледајќи ги досегашните влијанија и искуството од големите настапи, во кој правец го гледаш понатамошниот развој на твојата музика?

Baby Lasagna: Не можам, а и не сакам да издвојам некој како единствено влијание. Особено затоа што тоа се менува по фази. Имав фази кога сè што напишев звучеше како System of a Down, па како Rammstein, па како 21pilots – тоа постојано се менува.
Иако, метал музиката е она што најмногу ме привлекува и што најмногу ја сакам, па така, по првата „чорба“ од албум Demons & Mosquitoes, вториот албум ќе биде многу пожесток.

Трн: По соработките со Kuku$ и Käärijä, дали се планирани нови соработки со големи имиња од европската или регионалната сцена?

Baby Lasagna: Имам некои идеи за соработки кои веќе се во тек, но не е уште време за да зборувам за нив. И тие претходни соработки се случија некако сами од себе, доста спонтано, па не мислам дека треба да ги форсирам наредните. Мислам дека публиката често знае да го препознае тоа, па сè ќе дојде на свое природно.

Трн: Дали ќе искористиш можност да го запознаеш градот пред настапот во Струмица?

Baby Lasagna: За жал, се сомневам, бидејќи ден пред настапот свириме во Хрватска. Имаме доста доцна авионска линија, која едвај остава простор да се направи тонска проба. Тоа е големата мана на турнеите – си толку блиску до убави и значајни градови, но едноставно нема време за прошетки и разгледување.

Трн: Како ја замислуваш својата секојдневна рутина кога ќе заврши летната турнеја?

Baby Lasagna: Уф, тоа е најдобриот дел – студио, студио, студио. Ќе го довршиме вториот албум, за кој сите синглови се готови (освен ако не се појави нешто подобро). Планирање на издавањето на албумот, и уште една огромна работа што ќе се случи пред нова година. Многу се радувам на овој последен дел од годината бидејќи навистина ќе се „згответ“ големи работи во нашата кујна.

Трн: Кoја музика моментално ја слушаш и дали имаш нешто што би ѝ препорачал на публиката?

Baby Lasagna: Моментално не слушам ништо конкретно, најчесто радио или емисијата „Историја во четврток“ хаха. Го одморам мозокот од музика, што често го правам кога сум во процес на пишување. Ја гледам серијата The Sopranos и сум воодушевен. Би им ја препорачал на луѓето, но мислам дека сите веќе ја знаат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни