Граѓаните на Чешка гласаат денес и утре во време кога Европа се соочува со сè понестабилна безбедносна ситуација и стравови од руско мешање во политичките процеси.
Според анкетите, најверојатен победник на изборите е поранешниот премиер и популистички милијардер Андреј Бабиш (71), кој би можел да формира нова влада и така да ја замени досегашната силно прозападна и проукраинска коалиција. Меѓутоа, за да обезбеди мнозинство, Бабиш речиси сигурно ќе треба да се потпре на помош од помали, екстремни партии – што може да има сериозни последици за НАТО и Европската унија.
„Никогаш нема да ја повлечеме Чешка кон Исток“
На митинг во индустрискиот град Кладно, близу Прага, Бабиш пред своите приврзаници, најмногу постари граѓани, изјави:
„Никогаш нема да ја повлечеме Чешка кон Исток. Тоа целосно го исклучувам. Не ние сме тие кои седеле со Путин – ние сме тие кои ги протерале руските дипломати!“ – се потсети на настаните од неговиот прв мандат, кога беше откриено дека руската воена разузнавачка служба ГРУ е одговорна за експлозијата во магацинот за муниција во Чешка во 2014 година.
Тој исто така нагласи дека Чешка нема да излезе од Европската унија:
„Никогаш, повторувам – никогаш – нема да разгледуваме излез од ЕУ. Погледнете што се случи со Велика Британија! Тие имаат гас, нафта, рибарска индустрија и нуклеарно оружје, и пријатели како Трамп.“
Бабиш е во добри односи со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, а дел од неговите приврзаници носат црвени капи со слоганот „Силна Чешка“, јасно инспириран од Трамповиот „Make America Great Again“. Медиумите дури го нарекуваат „чешкиот Трамп“.
Потреба од сојузници од крајната десница и левица
Иако неговата партија ANO стои најдобро во анкетите, се очекува да нема доволно пратеници за самостојно мнозинство. Поради тоа, Бабиш би можел да побара поддршка од партии од политичките маргини – ултранационалистичкиот СПД, движењето „Мотористи против Зелената агенда“ или ад-хок коалицијата „Доволно!“, која ги вклучува преименуваните комунисти, остатоците од социјалдемократите и контроверзниот блогер познат како „Виле“ (селанец).
Некои од овие партии јавно поддржуваат референдуми за излез од ЕУ и НАТО, што предизвикува загриженост кај западните партнери. Но, официјалните лица од ANO ги отфрлаат овие идеи:
„Ние ја критикуваме ЕУ, но не сакаме да ја уништиме – туку да ја реформираме. А кога е во прашање НАТО, членството беше најважниот момент во историјата на Чешка и нашиот став е дека треба да го јакнеме“, рече заменикот лидер на партијата Карел Хавличек.
Додека Бабиш собира поддршка од постарите гласачи, меѓу младите расте поддршката за либералната Пиратска партија, која до неодамна беше дел од власта. 19-годишниот студент на политички науки Ондрej Капралек рече дека на првите избори на кои гласа, ќе ја поддржи Пиратската партија:
„За мојата генерација е важно да чувствуваме сигурност, да има иднина во оваа земја. Не сакаме да тргнеме по патот на Словачка со Роберт Фицо или Унгарија со Виктор Орбан“, рече Капралек.
Многу млади Чеси се плашат дека земјата може да се сврти кон илуиберален модел на владеење, поблизок до Москва, иако сè уште е членка на ЕУ и НАТО.
Безбедносниот аналитичар Роман Мача предупредува дека Русија води „масовна кампања за дезинформации“ во Чешка и дека зад многу сајбер напади и подметнати пожари стојат руските служби.
„Партиите кои ја поддржуваат Москва во потенцијалната влада на Бабиш ќе бараат да се запре помошта за Украина, да се прекине чешката иницијатива за муниција и да се укинат санкциите кон Русија“, рече Мача.
Партијата ANO на Бабиш веќе најави укинување на иницијативата со која Чешка обезбеди 3,5 милиони артилериски гранати за Украина, со образложение дека сакаат нов, по транспарентен програм во рамките на НАТО. Меѓутоа, потенцијалните коалициски партнери одат и чекор понатаму – бараат драстично намалување на воениот буџет и протерување на украинските бегалци.
Актуелната чешка влада до сега беше цврст сојузник на ЕУ, НАТО и Украина. Сепак, ако анкетите се покажат точни, тој курс може сериозно да биде доведен во прашање.