Search

Бајден ги помилува сите корисници на марихуана во САД

Фото: Jose Luis Magana/AP

Претседателот на САД, Џо Бајден во петокот објави дека го помилува секој Американец кој користел марихуана во минатото, вклучувајќи ги и оние кои никогаш не биле уапсени или гонети.

Масовното помилување се однесува на сите граѓани на САД и законски постојани жители кои поседуваат марихуана за нивна лична употреба и оние кои се осудени за слични федерални дела. Помилувањето не се однесува на поединци кои биле затворени за продажба на дрога, која е нелегална според федералниот закон, или други прекршоци за марихуана, како што е возење под дејство на нелегална супстанција.

Импликацијата на помилувањето на Бајден се очекува да има значителни импликации, бидејќи криминалните досиеја за употреба и поседување марихуана предизвикуваа бариери за вработување, домување и можности за образование. Сепак, помилувањата не се однесуваат на лицата кои го прекршиле државниот закон, а секој што сака да добие доказ за помилување ќе мора да аплицира преку Министерството за правда.

Бајден издаде слично помилување минатата година и вети идни реформи. Овогодинешниот проглас отиде подалеку со тоа што ги простува сите случаи на едноставна употреба или поседување марихуана според федералниот закон, вклучително и за поединци кои никогаш не биле обвинети. Ова помилување, исто така ја проширува претходната директива на Бајден за да вклучи помали прекршоци за марихуана извршени на федерален имот.

Во изјавата, Бајден рече дека Американците не треба да се праќаат во затвор само поради користење или поседување марихуана. Тој ги повика гувернерите да ги простат и државни прекршоци.

„Криминалните досиеја за употреба и поседување марихуана наметнаа непотребни бариери за вработување, домување и можности за образование. Премногу животи се нарушени поради нашиот неуспешен пристап кон марихуаната. Време е да ги исправиме овие грешки“, рече Бајден.

Бајден, исто така, им ги ублажи казните на 11 лица, за кои рече дека „одлежуваат несразмерно долги казни за ненасилни прекршоци за дрога“ и дека би добиле помали казни доколку денеска беа обвинети.

Корисниците на марихуана кои сакаат да учествуваат во програмата на Бајден ќе мора да го следат процесот на аплицирање поставен од Министерството за правда за да добијат сертификат кој потврдува дека се помилувани според широкото помилување на претседателот, доколку треба да обезбедат доказ за помилување за апликациите за вработување или сместување.

Во прогласот на Бајден се наведува дека јавниот обвинител „ќе ги разгледа сите соодветно поднесени барања за уверенија за помилување и ќе издаде такви потврди за помилување на подобните баратели во догледно време“.

Администрацијата на Бајден  ѝ препорача на Дирекцијата за спроведување на политики за дрога (ДЕА) да го префрли користењето на марихуана како помал прекршок.

Рекордни 70% од Американците во октомвриското истражување спроведено од Галуп изјавиле дека употребата на марихуана треба да се легализира. Тоа е фаворизирано од мнозинството републиканци. И тоа е многу популарно меѓу либералите, демократите и младите Американци кои Бајден се надева дека ќе ги инспирира да гласаат за неговиот реизбор.

Употребата на марихуана за рекреација е легална во 24 држави. Медицинската марихуана сега е широко дозволена во САД и е легална во 38 држави.

Извор: USA Today

Најново

Последни колумни