Азиските берзи пораснаа, доларот ослабе – “Ниту Кина ниту САД нема да отстапат”

На азиските берзи денеска се забележа пораст на цените на акциите, и покрај вчерашниот силен пад на Волстрит, додека вредноста на доларот и понатаму е под притисок.

Индексот MSCI на акции од азиско-пацифичкиот регион во 7 часот утрово порасна за 0,4%, надоместувајќи дел од загубите од претходниот ден. Јапонскиот Nikkei се зголеми за 0,9%, додека индексите во Шангај, Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг бележат раст од 0,2 до 1,6%.

Позитивниот тренд на берзата во Токио е резултат на напредокот во трговските преговори меѓу САД и Јапонија, што ги охрабри инвеститорите и во останатиот дел од регионот.

Кина и САД во “скапа игра на нерви”

Кинеските берзи забележаа раст поради опоравување на технолошкиот сектор и најави за нови мерки против кризата во недвижностите. Кинеското министерство за надворешни работи порача дека веќе нема да обрнува внимание на новите царински закани од САД. Ова е реакција на изјавата од Вашингтон за можна царинска стапка од вкупно 245% за увозот од Кина.

САД се фокусира на зголемување на царините, додека Кина воведе нецарински ограничувања во области како што се финансиите, консалтингот и туризмот – сектори во кои САД традиционално имаат трговски суфицит. Аналитичарот Тинг Лу од „Nomura“ вели: „САД и Кина се заглавени во досега невидена и скапа игра на нерви, и ниту една страна не покажува намера да попушти.“

Пад на Волстрит поради ограничувањата за продажба на чипови

И покрај случувањата во Азија, Волстрит вчера доживеа сериозен пад: Dow Jones се спушти за 1,7%, S&P 500 за 2,2%, а Nasdaq за дури 3,1%. Посебно беше погодена компанијата Nvidia, чија акција падна речиси 7% поради ограничувањата на САД за продажба на нејзините чипови во Кина, што може да ја чини околу 5,5 милијарди долари.

Повисока инфлација, послаб долар и поскапа нафта

Претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, изјави дека повисоките царини ќе предизвикаат зголемена инфлација и побавен економски раст, додавајќи дека ќе се почека со одлуките за каматните стапки додека не се добијат нови економски податоци.

Како резултат на тоа, доларот ослабе – индексот на доларот утрово е на ниво од 99,55 поени (вчера изнесуваше 99,70). Евро се тргува за 1,1365 долари, повеќе од вчерашните 1,1345.

Цените на нафтата се во пораст: барел на лондонскиот пазар достигна 66,60 долари (пораст од 1,11%), додека на американскиот 63,35 долари (пораст од 1,38%).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни