Ескалацијата на Блискиот Исток ги турна азиските берзи, авио-секторот најпогоден

Азиските берзи ја започнаа неделата во минус, предводени од остар пад на авио-секторот, додека цената на нафтата и златото порасна поради зголемените тензии на Блискиот Исток.

Акциите на авиокомпаниите забележаа најголем пад на азиските берзи, откако нарушувањата на воздушниот простор и затворањето на поединечни аеродроми во регионот дополнително го разнишаа туристичкиот и транспортниот сектор.

Најголем пад имаше кај компанијата Сингапур Ерлајнс, чии акции се намалија за повеќе од 6 отсто. Јапонските АНА и ЏАЛ загубија над 4 отсто, додека хонгконшката Катај Пацифик ослабе за 3,63 проценти. Пад регистрираа и австралиската Квантас и тајванската Ева Ер, со минус поголем од 4 отсто.

Инвеститорите реагираа на проценките за зголемување на трошоците за гориво и можни дополнителни оперативни нарушувања поради ескалацијата на конфликтот меѓу Иран, САД и Израел.

Во исто време, фјучерсите на нафтата пораснаа поради засилените геополитички тензии. Американската сурова нафта Вест Тексас Интермидијар (WTI) достигна 69,68 долари за барел, додека Брент се искачи на 76,13 долари. Во текот на тргувањето цените во еден момент скокнаа и до 8 отсто, пред да се стабилизираат на околу 4 проценти над претходното ниво.

Златото исто така реагираше на неизвесноста – фјучерсите пораснаа за 2,3 отсто, потврдувајќи ја улогата на овој благороден метал како сигурно засолниште во услови на криза.

Растот на нафтата ги поттикна акциите на енергетските компании во регионот. Австралиската Вудсајд Енерџи и јапонската Инпекс пораснаа до 5 отсто, додека кинеската Чајна Нешнал Офшор Оил Корпорејшн во Хонг Конг забележа раст од над 3 проценти.

Благ раст имаше и во одбранбениот сектор. Мицубиши Хеви Индастрис, Кавасаки Хеви Индастрис и ИХИ пораснаа меѓу 0,47 и повеќе од 2 отсто, додека сингапурската СТ Инженеринг доби околу 3 проценти, објави Си-Ен-Би-Си.

Берзите во Јужна Кореја останаа затворени поради државен празник.

Инвеститорите остануваат внимателни, а понатамошниот развој на конфликтот на Блискиот Исток ќе има клучно влијание врз движењата на енергетските пазари и транспортниот сектор во наредните денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни