Азербејџан и Ерменија постигнаа мировен договор, ЕУ и НАТО го поздравија

Договорот, кој беше потпишан и од САД, предвидува повторно отворање на клучни транспортни рути и отворање на нов голем транзитен коридор
President Donald Trump meets with President Ilham Aliyev of Azerbaijan and Prime Minister Nikol Pashinyan of Armenia, Friday, August 8, 2025, in the Cabinet Room. (Official White House Photo by Daniel Torok)

Лидерите на Ерменија и Азербејџан вчера се ракуваа на мировен состанок во Белата куќа и потпишаа договор кој треба да стави крај на децениските конфликти меѓу двете земји.

На церемонијата, американскиот претседател Доналд Трамп стоеше во средина, со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, од неговата лева страна и ерменскиот премиер Никол Пашинјан од десната.

Договорот, кој беше потпишан и од САД, предвидува повторно отворање на клучни транспортни рути и отворање на нов голем транзитен коридор што ќе го носи името „Трамп рута за меѓународен мир и просперитет“, соопшти Белата куќа. Американската администрација гледа на овој договор како на начин да се зајакне американското присуство во регионот, додека влијанието на Москва опаѓа.

„Голема чест е за мене“, рече Доналд Трамп во Белата куќа нагласувајќи дека не ја побарал иницијативата за именувањето. Според висок американски претставник, идејата дошла од ерменската страна.

Договорот го поздравија и НАТО и ЕУ

– Го поздравуваме напредокот кон мир меѓу Ерменија и Азербејџан и му се заблагодаруваме на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата инвестиција во мирот. Ова е значаен чекор напред – изјави портпаролката на НАТО, Алисон Харт, на X.

Честитки за постигнатиот договор кој го окончува конфликтот меѓу двете земји започнат уште во 90тите, стигна и од Европската Унија.

Во заедничката изјава на 27-те земји-членки на ЕУ се вели дека договорите претставуваат „значаен пробив кон завршување на деценискиот конфликт и го отвораат патот за целосна нормализација на односите врз основа на меѓусебно признавање на суверенитетот и територијалниот интегритет“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни