Жарко Иванов „Флипбук Филм Фестивал“

Авторскиот анимиран филм е неповторливо искуство

Авторскиот анимиран филм е неповторливо искуство, секогаш иновативен, свеж, магичен, во кој секој кадар е измислен, ликовите и сцените се дизајнирани со рака, а аниматорот физички се соочува со секоја сцена накоја ѝ дава графичка содржина, рачно контролирајќи го односот помеѓу секоја следна слика за да добие целосно движење

Трн: Што ќе донесе годинешното издание на „Флипбук Филм Фестивал“ на  македонската публика?

Жарко: На годинешното издание на Флипбук Филм Фестивал ќе бидат прикажани околу сто кратки анимирани филмови од најновата европска авторска анимирана продукција. Освен проекциите на филмови и работилниците за производство на краток анимиран филм и флип бук, за време на четирите фестивалски денови ќе бидат промовирани и четири книги, две од нив проследени со изложби: книгата со карикатури „Во Европа – по наш пат“ од доајенот на македонската карикатура и анимација, Тоде Ристо Блажевски и двојазичната новела „Евацид“ од нашиот визуелен уметник и писател Никола Радуловиќ, член на овогодинешното жири, проследена со интерактивна, мултимедијална изложба во просториите на Кинотеката. Понатаму, ќе бидат промовирани и книгите „Predavanja o filmskom modernizmu“ на историчарот на филм и професор на Униврезитеот во Загреб, Никица Гилиќ, кој ќе биде дел од жирито, книгата „Michael Dudok de Wit: A life in Animation“, издание на CRC Focus од авторката Андријана Ружиќ, теоретичарка и историчарка на анимиран филм, дел од овогодинешното жири. Во жирито годинава членови ќе бидат и селекторката и кураторка на ВР програмата на фестивалот Анеси во Франција, Гала Фрекон, филмскиот критичар Влатко Галевски и режисерката Ана Опачиќ.


Трн: Во колку програми и селекции ќе бидат распоредени проекциите?

Жарко: Филмовите се поделени во четири натпреварувачки селекции: главна, студентска, селекција на анимиран докуметарец и на анимирани музички видеа. Филмовите кои не влегоа во натпреварувачките селекции, а се подеднакво квалитетни и одговараат на критериумите на фестивалот, ќе бидат прикажани во европската панорама. Во главната селекција ќе бидат прикажани наградените филмови од светските филмски фестивали од изминатата година, меѓу останатите и филмот „27“ на Унгарката Флора Ана Буда, победник на минатогодишниот Кански филмски фестивал, Санденс, Анеси,  Клермон Феран и Европските филмски награди, понатаму рускиот „Хармс“ инспириран од творештвото на познатиот писател, хрватските „Фустан за финале“ и „Жарко, ќе го расипеш детето“ и филмови од португалска, германска, британска, данска продукција. Во студентската селекција ќе бидат прикажани филмови од најдобрите европски школи за анимиран филм, британскиот “Bunnyhood”, селектиран на годинешниот Кански фестивал, „Уште еден ден во Лисабон“, во кој како еден од режисерите се јавува македонскиот автор Диме Ѓорѓиевски, наградуваниот полски филм „Последниот човек на земјата“. Во категоријата анимиран-документарен филм ќе бидат прикажани седум наслови, меѓу кои и годинашниот победник на Анимафест Загреб и Анеси „Percebes“ на португалските авторки Александра Рамирез и Лаура Гончалвес, германскиот „Чекање“, прикажан на Берлинале итн. Во селекцијата на анимирани музички спотови ќе бидат прикажани вкупно петнаесет наслови, меѓу другите и „Онти“ на наградуваниот српски автор Милош Томиќ.

Трн: Кого се ќе можеме да видиме во делот на гостите на фестивалот во Скопје?

Жарко: Освен членовите на двете жирија споменати погоре, на фестивалот своето учество го потврдија повеќе автори, продуценти, аниматори и филмски работници, кои ќе ги претстават своите филмови пред публиката во Кинотеката.

Трн: Кои критериуми ви беа главни при селекцијата на анимираните филмови за фестивалот?

Жарко: Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 16 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година, кои имаат учествувано и освоено награди на најголемите светски филмски фестивали: Кан, Берлин, Анеси, Анимафест, Отава, Клермон-Феран. Меѓу останатите, ќе бидат прикажани „De Imperio“ на Алесандро Новели, кој ќе го претстави филмот пред публиката, „27“ на Флора Ана Буда, а филмот ќе биде претставен од продуцентката Надја Андрашев, „Мачка со очила на Дирк Вершуре“, кој исто така е гостин на фестивалот и ќе има разговор со публиката итн.

Во селекцијата на анимирани документарци ќе бидат прикажани седум наслови. Анимираниот документарен филм е филмски жанр кој комбинира анимација и документаристика. Се работи за нефикционален филм кој користи анимација како средство за визуелна претстава, но во кој анимацијата мора да биде интегрирана до тој степен до кој значењето на филмот би станало некохерентно доколку самата анимација би била отстранета. Анимираниот документарец е релативно нов феномен во светската кинематографија и недоволно прикажуван на македонската публика. Минатите години имавме одлични реакции од гледачите и годинава продолжуваме со исто толку добра програма. Меѓу другите наслови, ќе бидат прикажани наградуваните „Percebes“ на Лаура Гонсалвеш, која е гостинка на фестивалот годинава, холандскиот Пливање со крила, германскиот „Чекање“ на Вокер Шлехт, прикажан на Берлинале и редица други големи фестивали.

Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 17 филмови кои авторите ги прават за време на своето студирање на европските филмски академии со своите ментори и неоптоварени од буџети, продукции и рокови, можат да си дозволат целосна авторска слобода и ентузијазам. Ќе бидат прикажани филмови на студенти од Германија, Велика Британија, Латвија, Холандија, Хрватска, Грузија, Естонија, Белгија, Полска. Ќе биде прикажан и португалскиот студентски филм „Уште еден ден во Лисабон“ во кој како ко-режисер се јавува и нашиот автор Диме Ѓорѓиевски.

Во категоријата за најдобар музички анимиран спот ќе бидат прикажани 18 наслови, меѓу кои и македонските „Чао бела“ на режисерот Александар Ристески, правен по музика на Димитрије Димитријевиќ и „Понеделник“ на Гоце Цветановски, по музика на Гоце Стевковски Септет.

Трн: Колку се важни фестивалите како Флипбук за филмаџиите, особено за македонските?

Жарко: Флипбук Филм Фестивал беше создаден од четири автори на анимиран филм: Жарко Иванов, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Иван Ивановски, со идеја на домашната публика да ѝ го претставиме најдоброто од европскиот авторски анимиран филм, нешто што не може да биде видено на интернет, телевизија или на редовен кино репертоар. Истовремено сакавме да предизвикаме интерес и кај некој од потенцијалните автори да се инспирира и да почне сам да твори. Иако фестивалот секоја година се одржува во втората недела од месецот август, во екот на летните одмори, од година в година забележуваме зголемување на интересот на публиката, но и на младите автори кои покажуваат сериозно внимание за анимираниот филм и со секое ново издание добиваме повеќе филмови во различни конкуренции.


Трн: Кои трендови ги гледате во светот на анимацијата што за вас се особено интересни и возбудливи?

Жарко: Авторскиот анимиран филм е неповторливо искуство, секогаш иновативен, свеж, магичен, во кој секој кадар е измислен, ликовите и сцените се дизајнирани со рака, а аниматорот физички се соочува со секоја сцена накоја ѝ дава графичка содржина, рачно контролирајќи го односот помеѓу секоја следна слика за да добие целосно движење. Заради ова и заради сите можности што ги нуди преку аниматорските техники: цртеж, колаж, кукла, пластелин итн, анимираниот филм постојано цели кон иновативност во техничкиот и наративниот пристап, кон преоткривање на сопствениот медиум, и на крајот, кон преиспитување на сопственото постоење, проверување и преиспитување на сопствените принципи и канони, свесност за современиот технолошки напредок и експериментирање со техниките на анимација. Тоа на големите креатори на анимиран филм им дозволува и авторска, стилска и тематска разноликост и дисперзија, а со тоа и постојана креативна надградба и авторски развој.


Трн: Кога би направиле анимиран филм за Скопје, како би изгледал тој?

Жарко: Јас веќе го направив мојот филм за Скопје, како дел од мојата филмска трилогија „Кружно патување“. Во 2011 година со писателот Александар Прокопиев напишавме сценарио за краток филм базирано на расказот „Кружно патување на сенката“ од Димитар Солев. Станува збор за расказ за Скопје, со современа градска тема, длабоко поврзана со проблематиката на човековото живеење. Еден стар железничар ги преселува коските од својот, починат во војната, син, од едни гробишта на други, како што и биле преместувани гробиштата во историјата на нашиот град. Врз основа на ова сценарио го направив и првиот истоимен анимиран филм.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни