Авторката и преведувачка Јулијана Величковска во разговор со поетот Фарид Хусеин од Азербејџан

На фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ се одржа промоцијата на книгата од азербејџанскиот поет Фарид Хусеин, односно избор песни објавени во „ПНВ Публикации“. Препевот од англиски го направи Јулијана Величковска, која разговараше со него за пишувањето, неговите авторски перспективи и посетата на Македонија.

„Во пресекот меѓу личните збиднувања и историјата на неговото време, Фарид Хусеин го бележи човекот во мигот на промената. Пишува едноставно и јасно, создавајќи слики што долго остануваат во читателот. Неговите теми се движат од љубовта кон саканата и кон татковината, до восхитот кон книжевните и историските личности што го обликувале. Пее и за загубата, за отсуството, за потрагата по себеси, отворајќи го прашањето за припадноста, а од општата реалност создава лично сведоштво.“ – Јулијана Величковска

Драг Фарид, мојот впечаток од работата на преводот и изборот на твоите песни е дека во пресекот меѓу личните збиднувања и историјата на твоето време, го бележиш човекот во мигот на промената. Кога пишуваш, од каде тргнуваш – од личната слика или од колективната меморија?

‒ Можел ли Хорхе Луис Борхес да живее без книги, Александар без војни или Тесла без откритија? Нивното творештво и нивните животи се толку неразделно поврзани што oдвојувањето е речиси невозможно. Не се осмелувам да се споредувам со такви генијалци, но подеднакво е точно дека мојот книжевен и мојот реален живот се испреплетени како брегот и морето. Кога морето се повлекува, брегот добива нова форма, кога морето расте, и местото на брегот се менува. Тој процес продолжува и долго по исчезнувањето на морето. Исто така, сè до крајот на мојот живот, моите книжевни и световни судбини ќе останат нераскинливо испреплетени.

Во мојот живот, луѓето што ги сакав, и нивната убавина и нивните мани, станаа дел од историјата, а настаните што ги доживеав, заедно со чувствата што ми ги предизвикаа, обликуваа посебен светоглед кај мене. Сега, не можам да се изразам надвор од она што сум го собрал во својот внатрешен свет, затоа, кога ќе ја оставам колективната свест настрана, не можам да се поврзам со ништо само преку личното, а кога ќе се оддалечам од личното сознание, не можам да се поврзам со ништо преку колективното поимање. Одамна сум станал неразделно споен со тоа што сум го прочитал и тоа што сум го изживеал. Моите мисли и искуства се исто толку трајни колку и моето наследство.

Фотографија: Антонио Велјаноски

Во песната по која го насловив овој избор велиш: „Светот беше прозорец, погледнав низ него и те видов, и каде и да одев, со себе го носев прозорецот што гледа кон тебе.“ („Како сон“)

Имам впечаток дека во повеќето твои песни говориш за лирски субјект кој е присутен во светот, но едновремено и како учесник и како набљудувач. Некогаш велиме дека на светот гледаме низ некакви очила, кај тебе во случајот стаклото е од прозорец, но како да постои уште еден филтер, како да сме свесни дека во светот го гледаме токму тоа што го бараме, што сакаме да го видиме.

Или дека имаме мал број значајни луѓе, наши лични идоли или арбитри, или Бог, и тука се да бидат наша насока, да ја контролираат отсечката на нашиот поглед…  Па кажи ми колку човек може да биде објективен и свој ако на светот гледа само низ личните прозорци со однапред утврдени цврсти убедувања или предрасуди? И колку еден поет може да биде свој ако прозорецот низ кој гледа е обликуван од авторите што му влијаеле и го инспирирале?

‒ Тоа е навистина длабоко и тешко прашање. Еднаш, одејќи по патот, Шопенхауер забележал една убава роза во некоја прекрасна градина. Додека се наведнувал да ја помириса, градинарот, гледајќи го оддалеку, помислил дека сака да ја скине. Вознемирен, му довикнал на странецот: „Кој си ти?“ Шопенхауер одговорил дека целиот свој живот размислува на тоа прашање: „Кој сум јас?“ Во секојдневниот живот „Кој си ти?“ може да изгледа како обично прашање, но во филозофијата тоа е едно од најтешките прашања за одговарање со сигурност. Јас често си го поставувам прашањето „Кој сум?“, и од животна и од филозофска перспектива, и одговорите до кои доаѓам се различни. Однадвор може да изгледаат противречни, но всушност совршено се усогласени. Таквиот начин на размислување неизбежно го обликува мојот поетски светоглед. Секако, нашите навики, вкоренетите мисли и одговорите што си ги даваме без преиспитување и проучување можат да нè оддалечат од апсолутната вистина, но истовремено ја трансформираат нашата претстава за себе, нашиот идентитет и индивидуалност, во уникатен вид вистина. Другите може да ја прифатат таа вистина или да ја одбијат.

Секако, верноста кон себеси и кон внатрешниот свет нè лишува од целосна објективност, но поетот може да ја претстави својата субјективност, во однос на колективното сознание, на начин што ќе се перцепира како објективност.

Често поставуваш прашања за припадноста и за себеспознавањето. „Остави ми го копнежот мене, а судбината – на Бога.“ („Жед за нов стих“). Што значи за тебе „да припаѓаш“ во свет што постојано се менува?

‒ Животот ми даде богатство од искуства за моите години. Понекогаш чувствувам дека многу настани од мојот живот, и убави и тешки, дошле прерано. Се чувстувам како за кратко време да собирам нови искуства, па уредно ги запечатувам и ги ставам настрана. Во свет што постојано се менува, да се препознае тоа на што навистина вреди да му припаѓаш не е едноставна задача. Постои една суфиска приказна што зборува за тоа. Еден ден, еден млад човек му пришол на еден суфи и му рекол: „И јас сакам да оставам сè зад себе и да тргнам на патување како тебе.“ Тргнале заедно, но по извесно време младиот рекол: „Мојата торба, торбата ми остана дома. Почекај ме да ја земам.“ Мудриот суфи му одговорил: „Оди, но не враќај се. Ако една торба може да те врати од патот што си го избрал, тогаш не си подготвен да одиш на овој долг пат крај мене.“ Во нашево време, слободата често се дефинира како неприпадност кон никого и ништо – суровo кредо чијашто студена логика се наметнува речиси насекаде. Сепак, мора да запомниме дека постојат и многу убави вредности на кои им припаѓаме. Денес, да ѝ се посветиш на литературата, на многумина им изгледа апсурдно. Законите на современиот свет не ја признаваат нашата лојалност кон зборот, ниту лијалноста на зборовите кон нас. А каква е алтернативата? Таа е уште поапсурдна, сосем празна и многу пообесхрабрувачка.

Во твојата поезија љубовта е повеќеслојна – кон саканата, кон татковината, но и кон историски и книжевни фигури. „Љубовта ми е во иста боја како твоите очи на мојата мапа на лицето… Ти си меѓу моите редови.“ („Мапа на лицето“). Како се преплетуваат тие облици на љубов во вашите стихови?

‒ За жал, во денешниот свет, се чини дека времето кога двајца луѓе можеа навистина да си припаѓаат еден на друг е на исчезнување. Некои го постигнуваат тоа преку навика, традиција или чувство на должност, но сум сретнал премногу празни, вештачки луѓе чииишто срца како да живеат некаде надвор од нивните тела, и поради нив честопати чувствував потреба да се побунам против Бога. Понекогаш, гледајќи бракови без љубов и празни заеднички животи меѓу луѓе што ми ми се драги, сум сакал да се побунам и против светот. Да најдеш некој што вистински го сакаш е речиси невозможна среќа: замислете, да ја одберете вистинската личност од милијарди, и тој избор да се потврдува со секој здив, за цел живот.

Постои некаков парадокс во модерната љубов меѓу Истокот и Западот. На Истокот, луѓето се разведуваат откако вистински ќе се запознаат; на Западот, тогаш се венчаваат. Евгениј Евтушенко еднаш рече: „Љубовта секогаш е опасна“.

Мојата љубов кон татковината, кон луѓето и кон светот стана едно исто. Толку длабоко ја почувствував болката од тоа да ја живееш љубовта како вистина, што на крајот најдов засолниште во единственото што ми остана – прифаќањето на љубовта, на самата страст, на далечен, апстрактен начин. Не го избрав јас тоа, едноставно животот натаму ме однесе. Сепак мојата љубов кон татковината, кон светот и кон луѓето е бескрајна. Се чувствувам како самата љубов да ме држи во прегратка.

Еден силен мотив е загубата – на луѓе, на места, на време. „Ја носам саканата во моите солзи, мајка ми – во срцето… Самотијата се препира со мене, таа самотија ме напаѓа ден и ноќ.“ („Ноќи“)

Дали пишувањето е начин да се преброди таа празнина?

‒ Пишувањето отсекогаш било еден од тивките занаети со кои ги крпиме празните простори во нашите животи. Голем дел од она што го живееме поминува под превезот ма обичното, но под раката на книжевноста и поезијата, обичното добива тежина, облик и трајност. Честопати сум забележувал дека некои луѓе изживуваат искушенија со речиси неподнослива тежина или доживуваат мигови од ретка убавина, а сепак, далеку од светот на зборовите, нивните приказни исчезнуваат во сивата анонимност на „да се биде како сите други“. Поетот се издвојува: тој непрестајно провлекува значење низ ткаенината на животот и патува покрај него со својата душа како негов сопатник. Затоа, сметам дека можноста да ја запишам сопствената судбина и моите денови, како средновековен препишувач што го осветлил секој миг под погледот на кралевите, ја сметам за привилегија. Пред сè, заветот на поетот е со вистината – да остане непоколебливо искрен кон себе.

Фотографија: Јован Димоски

Твоите песни се едноставни по израз, но силни по слика. „Не пишувам песни за тебе, само ја преселувам самотијата на хартија.“ („Тишина“)

Дали оваа едноставност е природен израз или резултат на свесна поетска дисциплина?

‒ Кога почнувам да пишувам поезија, ме обзема чуден немир. Ако во тој миг сум меѓу луѓе, чувствувам нагон веднаш да се повлечам, без поздрав, и да избегам на тивко место каде што можам да бидам сам со моите мисли. Во тие моменти ги гледам луѓето без навистина да ги видам, ги слушам нивните гласови без навистина да ги слушам. Тоа слепило и таа глувост ми ги изоструваат другите сетила.

Кога поезијата ми навлегува во душата, станувам таков. Тогаш зборовите што никогаш не би ги ставил еден до друг, одеднаш самите се редат. Постои еден извонреден азербејџански поет – Вакиф Бајатли Одер, што еднаш кажа нешто магично: исто како што луѓето сакаат или не сакаат да стојат еден до друг, така и зборовите треба да сакаат да стојат заедно. Во избирањето на зборовите што сакаат да бидат едни до други, никогаш не го нарушувам својот внатрешен демократски принцип. Во моите песни владее слободата. Никогаш не сум се криел зад својата поезија, напротив, за оние што навистина сакаат да ме запознаат, ги кодирам тајните на мојот живот во моите стихови.

Што се однесува на самотијата – никогаш не сум можел да избегам од неа, zашто отсекогаш сум се чувствувал целосен кога сум самиот со себе. Со другите секогаш сум останувал некомплетен. Ако ме прашаш дали нешто друго, освен книжевноста, успеало да ми донесе вистинска радост и целосна среќа, би одговорил (без да сум неблагодарен за убавините во мојот живот и со благодарност пред сè кон Бога) дека искрено, одговорот е не. Како отсекогаш да сум бил одвоен од нешто, а не можам да го достигнам или да се соединам со непознатото по кое копнеам. Како небото да ме повикува, а земјата ми ги држи нозете и ме влече назад. Само книжевноста може да ме ослободи од таа борба.

Што значи за тебе овој препев на македонски и како го доживеа фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“, самото Велестово и Охрид? Какви спомени и чувства ќе понезеш назад со себе во Баку?

‒ Македонија за мене претставува уникатен остров на духовноста во Европа. Тука, моите песни го заслужија правото да живеат на македонски јазик. Луѓето што ме поттикнаа да ги напишам овие стихови, книгите што ме восхитија да ги создадам, мислите што преку своите радости и таги ме натераа да ги почувствувам, сега влегоа во македонската поетска временска зона. Да се биде дел од овој фестивал е голема чест. Јулијана Величковска е поетеса со длабока мисла, со блескави емоции и со богат внатрешен свет, без сомнеж, нејзините префинети прсти го допираат самиот пулс на современата светска поезија. Од тука ќе го понесам сјајот во очите на оние што со интерес ги слушаа моите песни, топлината во нивните срца и впечатоците што моите чувства ги оставија на македонски јазик. Сето ова е нешто што ќе ми биде драг и интимен спомен што засекогаш ќе го паметам.

Азербејџан е навистина убава земја – ги чува древните традиции на Истокот, а воедно прифаќа модерна, секуларна култура. Добивме праведна војна, ја вративме територијалната целовитост и продолжуваме да придонесуваме за напредокот на мирот во светот. Постојат силни потреби за промоција на азербејџанската книжевност во Македонија и, исто така, за претставување на македонската книжевност во Азербејџан. Себеси се гледам како раката на Азербејџан што се подава кон македонската книжевност, а Јулијана како раката на Македонија што се подава кон азербејџанската книжевност. Сигурен сум дека овие две раце, испружени една кон друга, нема да останат да висат во воздух.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни