Автопортрет на Фрида Кало продаден за 54,7 милиони долари – нов светски рекорд

Автопортрет на мексиканската сликарка Фрида Кало е продаден за 54,7 милиони долари, со што стана најскапото дело на оваа уметница некогаш продадено на аукција, објави CNN.

Делото „El sueño (La cama)“ постигна рекордна цена на аукцијата на „Сотби“ во Њујорк, надминувајќи го претходниот рекорд на американската уметница Џорџија О’Киф за сликата „Jimson Weed/White Flower No.1“, продадена за 44,4 милиони долари во 2014 година.

Надреалистичката композиција на Кало, проценета меѓу 40 и 60 милиони долари, беше понудена од приватен колекционер. Друг автопортрет на уметницата, „Diego and I“, продаден во 2021 година исто така во „Сотби“, до оваа продажба беше второ најскапо дело на Кало и најскапо латиноамериканско уметничко дело. Новиот рекорд го турка на второ место меѓу латиноамериканските дела и на трето меѓу делата на уметници-жени.

Сликата, која не била јавно изложена речиси три децении, претходно била прикажана во Лондон, Абу Даби, Хонг Конг, Париз и Њујорк.

На делото е прикажана Кало како лежи на кревет што лебди над бледосина позадина, опкружена со зелени лози што го обвиткуваат нејзиното тело, а над неа виси скелет што држи букет суво цвеќе.

Мотивот на креветот е чест во творештвото на Кало, која голем дел од животот го поминала прикована за кревет поради хронична болка предизвикана од тешка сообраќајна несреќа и бројни операции. За време на опоравувањето, нејзиното семејство поставило штафелај и огледало над креветот за да може да слика додека лежи.

Делото е создадено во 1940 година, во периодот кога Кало повторно се омажила за Диего Ривера. Сликата беше продадена како дел од приватната колекција „Exquisite Corpus“, која опфаќа повеќе од 80 надреалистички дела, меѓу кои и дела од Рене Магрит и Салвадор Дали.

Извор:N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни