До крајот на 2024 година, биле пријавени 850.708 кражби – импресивно намалување од 17 проценти, пренесува AAA. Иако бројката и понатаму е висока, трендот го означува првиот позитивен пресврт по долго време.
Но зад оваа статистика се крие поинаква приказна – онаа за моделите што станале симбол на ранливост и лесна мета за криминалните групи. Во 2025 година, два модели доминираат на црните листи на крадците, секој од различни причини. Chevrolet Camaro ZL1, моќниот автомобил чиј звук го привлекува вниманието каде и да помине, се најде на неславниот врв според стапката на кражби. Според анализите, има 39 пати поголема шанса да биде украден во однос на просечно возило произведено во периодот од 2022 до 2024 година. Неговиот побратим, стандардниот Camaro, не заостанува многу – исто така е меѓу најпосакуваните пленови.
Истовремено, на улиците и паркиралиштата низ Америка најчесто исчезнува сосема друг тип возило: Hyundai Elantra. Не поради перформанси, туку поради софтверски слабости што за првпат станаа масовно познати токму преку социјалните мрежи. Вирaлни видеа покажаа како за неколку секунди може да се заобиколат безбедносните системи – што ги претвори Elantra, но и Hyundai Sonata, Kia Soul, па дури и Kia Optima, во лесна мета за крадците. Иако Optima веќе не се произведува, интересот на криминалците никако не се намалува.
Во категоријата на пикап-камионети, на удар е и Chevrolet Silverado 1500, вредно возило чии делови на црниот пазар достигнуваат високи цени. Моделот со години наназад е меѓу најчесто украдените, што повторно го потврдува фактот дека побарувачката го диктира криминалот.
Сепак, експертите се едногласни: дел од вината лежи и кај сопствениците. Националната управа за безбедност на сообраќајот дури предупредува дека многу кражби можеле да се спречат со основни навики: заклучени врати, паркирање на колата на добро осветлен паркинг и активирани аларми.
За оние кои сакаат дополнителна сигурност, технологијата нуди решение. Системите како LoJack и други GPS-уреди за следење често се покажуваат пресудни во брзото пронаоѓање, па дури и далечинско оневозможување на украдените возила.
Иако бројот на кражби конечно се движи во позитивна насока, јасно е дека битката не е завршена. Крадците постојано ги усовршуваат методите, а производителите – како и сопствениците – мора да бидат чекор пред нив. За некои модели, особено оние со долгогодишни слабости, оваа борба допрва ќе се води.
Извор: N1info.rs
